Детето е како расцутено дрво . Секоја полица на стеблото, секоја година од детството, исполнете ја со книги . Нека му бидат достапни уште од бебешка возраст и на неговите гранки ќе зреат прекрасни плодови уште многу години подоцна. Читањето за децата од прво одделение e особено значајно, затоа што преку читањето книги, приказни, бајки, децата влегуваат во светот на имагинацијата, го збогатуваат фондот на зборови, се стекнуваат со нови поими и изрази, ги поттикнуваат предчитачките вештини кои се предуслов за читањето во училиште. Затоа дете што чита или на дете што му читаме е возрасен што мисли!

Со овој настан, наша цел е најпрво да ги запознаеме учениците со услугите кои ги нуди библиотеката, со начинот на работа, со фондот на книги и кај учениците да ја поттикнеме навиката за читање, да ја разбудиме нивната фантазија преку читањето на бајки како основа за правилен мисловен и креативен процес кој ќе му користи понатаму во животот. Читањето бајки во голема мера придонесува за зголемување на интересот за читање книги во детската возраст, но и подоцна во животот. Денес во посета на нашата библиотека НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола беа првачињата од ООУ „Стив Наумов“ – Битола под менторство на наставничката Јасмина Гочева и библиотекар Јасминка Кочевска и библиотекарски помошник Емилија Талевска.

Денешниот ден започна весело, забавно, креативно и интересно благодарение на нашите денешни учесници со кои читавме, драматизиравме, раскажувавме и илустриравме бајки. „Сите одат во библиотека! Секој може да биде член, од најмал до најголем!“ беа дел од пораките кои ни ги пренесоа.

Настанот го завршивме со еден од најпознатите цитати на Ајнштајн: „Ако сакате Вашите деца да бидат интелигентни, читајте им бајки. Ако сакате тие да бидат уште поинтелигентни, прочитајте им повеќе од нив “.

Голема благодарност до директорот на ООУ „Стив Наумов„ – Никола Пискачев и заменичката директорка Марина Јанеска.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook