Свечена промоција на луксузна Монографија посветена на 80-годишнината од постоењето на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола од авторките м-р Емилија Стефановска – Давкова и д-р Анита Ангелевскa

На 17 септември 2025 година, во свечена атмосфера и во присуство на бројни претставници од културниот, образовниот и јавниот живот, се одржа промоцијата на Монографијата посветена на осумдесетгодишнината од постоењето на Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Во своето обраќање, директорката на Библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, како уредник, преведувач и една од авторките на изданието, заедно со доц. д-р Анита Ангелевска нагласи дека подготовката на оваа монографија претставуваше голем предизвик и инспирација. Таа истакна дека новото монографско издание е создадено со цел да биде не само сведоштво за богатата историја на институцијата, туку и документ кој живее со времето и говори со иднината.

Библиотеката, која со гордост го носи името на св. Климент Охридски, е длабоко вкоренета во културното ткиво на Битола – градот на Via Egnatia, и е симбол на континуитет и културна меморија. Директорката потсети дека институцијата е наследник на една книжевна и културна традиција чијашто историја започнува од X и XI век, преку првите манастирски библиотеки на битолскиот регион, со своја улога во развојот на писменоста и книжевноста сè до XVII век, за што сведочат зачуваните ракописи од овој простор. Оттаму, осумте децении не се само временска одредница, туку значаен период на воспоставување, унапредување и зачувување на македонското културно и писмено наследство.

Монографијата документирано и систематски ја прикажува историјата на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, нејзините изданија, современи активности и развојот во институција која одамна ја надмина класичната улога на библиотекарско депо. Денес, таа претставува активен центар на дигитализација, мултимедијални настани, современи медиумски комуникации и едукативни процеси, прилагодувајќи се на новите потреби на заедницата. Со својот универзитетски статус, библиотеката има обврска да биде и проактивен учесник во областа на науката, а токму затоа оваа монографија не е само приказ на минатото, туку и патоказ за иднината.

Особена чест за институцијата беше тоа што промотор на монографијата беше проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова, редовен професор при Институтот за национална историја – Скопје, еминентен историчар и автор на значајни научни трудови, а актуелно и директор на Државниот Архив на Македонија.

Настанот, кој го водеше истакнатата актерка Јулијана Мирчевска, беше збогатен и со културно-уметничка програма. Мирчевска се претстави со изведба на поемата „Дениција“ од Петре М. Андреевски, додека учениците на Државното музичко училиште – Битола, Емилија Лушеска, Анастасија Јанкуловска и Теодора Кулевска, под менторство на проф. Тања Котевска, настапија со изведбите „Тајни за две виолини“ и „Часовник за две виолини“.

Во рамките на настанот беа доделени плакети на Градоначалникот на Општина Битола, г. Тони Коњановски, и на компанијата „Графопром“, во знак на признание за нивната несебична поддршка на институцијата.

Салата беше преполна, интересот беше многу голем, а публиката беше на високо ниво.

Со ова монографско издание, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола остава траен споменик на културното наследство и писменоста, нагласувајќи ја својата улога како чувар на традицијата и современ учесник во изградбата на културниот и научниот живот во Македонија.

Повеќе фотографии и видеа на следните линкови: Промоција пост, Промоција видео, Документарен филм – Монографија.