Вчера во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржаа работилници на тема „Терапија со поезија: Аптека на зборови“, кои се дел од проектот „Библиотерапија, терапија со поезија и антистрес терапија“, поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.

На наше големо задоволство, присутните имаа можност да се дружат и творат заедно со нашата роднокрајна писателка Весна Мундишевска-Велјановска. Таа пред гостите зборуваше за терапевтската моќ на поезијата и како чувствата можат да се преточат во зборови на лист хартија. Преку дел од нејзините стихови, поетесата ги насочи присутните како да ги изразат своите мисли, како тие мисли да станат позитивни и насочени кон секојдневните битки што ги водиме.

Пред присутните се обрати и директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која ја потенцира важноста на ваквите креативни настани што позитивно влијаат на психичката состојба на луѓето и ја поставуваат библиотеката во фокусот на позитивните промени што се случуваат во заедницата.

Во духот на поезијата, гостите имаа можност да добијат книги поезија од нашата писателка, а воедно и да подарат сопствена поезија за библиотеката.

Од секогаш се верувало дека поезијата ја лечи душата. Низ светот веќе се отвораат и неколку така наречени „аптеки“, во кои наместо апчиња можете да земете поезија што носи позитивност и се верува дека многу помага.

Во тој дух, дел од активностите за време на работилницата беа посветени на создавање на нашата мала „Аптека на зборови“. Секој присутен креираше кратка поезија и ја смести во шишенце – како мал лек за душата.

Работилницата ја завршивме со разговор за поезијата и начините на кои таа се чита и доживува.

Координатори на проектот:

м-р Фатма Бајрам-Аземовска

м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook