Арт терапија: „Изрази се без зборови“

Во Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, вчера се одржаа две работилници под наслов „Арт терапија: Изрази се без зборови“, во рамките на проектот „Библиотерапија, терапија со поезија и анистрес терапија“, поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Проектот се реализира во соработка со Здружението на дијабетичари на општина Битола, чии членови активно ќе учествуваат на сите предвидени активности.

Присутните имаа можност да се запознаат со арт терапијата како моќен инструмент за самооткривање, емоционално лекување и креативно изразување. Овој метод оди подалеку од класичното цртање и боење, тој претставува докажана техника за намалување на стресот, подлабока емоционална експресија и личен развој.

„Арт (антистрес) терапијата е уникатна бидејќи мислите и емоциите кои често се премногу тешки или невозможно да се изразат со зборови, добиваат свој глас преку цртежи, бои и други креативни медиуми,“ истакна директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова.

Процесот на работа го водеше ликовниот уметник Николче Српчански, магистер по ликовна уметност, конзервација и реставрација, кој во првата работилница ги насочи учесниците како да ги пренесат своите емоции на хартија со мрсни бои, цртајќи слики кои го отсликуваат она што ги прави среќни во моментот. Во втората работилница беа користени „Боенки за возрасни“, а се зборуваше за нивната терапевтска улога и ефектот што го имаат врз намалувањето на стресот и поттикнување на креативноста.

Координатори на проектот:

м-р Фатма Бајрам Аземовска- библиотекар советник

м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски- виш библиотекар

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook