Во духот на летната лежерност, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола со задоволство ја угости нашата талентирана писателка за деца Маја Богоевска на кафе и пријатен разговор под летната сенка.

Маја повеќето ја знаеме како долгогодишен новинар, која секогаш се трудела точната вест да стигне до нас граѓаните. Сега, покрај својата работа, таа го води и порталот „Читај бе“, каде продолжува да го привлекува вниманието со своите колумни. Неодамна таа ја објави и својата прва книга за деца „Survivor kids. Авантура #1, Предизвик оган: детето ќе научи како да се спаси од пожар со едно читање!“.

Разговорот го започнавме со враќање на почетоците, па ја замоливме да сподели нешто повеќе за нив. Таа ни рече: „Уште во првите одделенија во основно, сакав да пишувам песни. Многу сакав да си играм со римата при пишувањето. Уште од најмала возраст сакав многу да читам, покрај лектирите читав и друга литература. Првата книга која ја прочитав, а бев многу мала, е „Оркански висови“. Многу сакам исто така да читам и англиска литература преку која го усовршувам англискиот јазик.“

Во текот на разговорот зборувавме и како дошло до нејзиниот ангажман во пишување текстови наменети за деца. Таа ни одговори дека сосема случајно започнува нејзината соработка со „Просветно дело“ и дека од 2017 година до денес нејзините текстови се наоѓаат во детското списание „Росица“, во кое таа пишува теми за предучилишна и училишна возраст. До сега, Маја само за ова списание има напишано преку 70 детски текстови.

Кога се навративме на темата за признанија, бидејќи неодамна освои награда на конкурс распишан од Организација на жени во соработка со НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, таа ни одговори: „Најголема награда за мене е реакцијата на читателите, особено најмалите кои сакаат да ги читаат моите текстови и да уживаат.“

Понатаму се осврнавме на нејзината нова книга, која неодамна излезе од печат, а е пишувана во еден навистина едукативен стил, преку доза на фантазија која го задржува вниманието на децата. Маја ни раскажа како од сите пријавени писатели, таа е избрана да биде автор на оваа илустрирана книга. Книгата „Survivor kids. Авантура #1, Предизвик оган“ е навистина посебна. Децата преку неа учат животни вештини, се развива нивната љубопитност за истражување, а писателката со својата фантазија токму тоа и го постигнува. Преку интересни факти кои не носат низ Александриската библиотека до незгоди од кои треба да најдат решение за да се спасат.

За крај на разговорот, Маја им испрати порака на читателите: „Книгите не се само зборови на хартија – тие се огледала на мислите, искри што палат идеи, тивки водичи низ животните одлуки. Читањето остава траги во нашите ставови, во нашето срце, во начинот на кој гледаме на светот. Затоа, читајте. Без предрасуди. Читајте бестселери, но не заборавајте ги и книгите на нашите локални автори – токму тие најмногу ја заслужуваат поддршката од своите сограѓани. Учете ги децата од најрана возраст дека книгата треба да биде пријател и сопатник во животот. Во време кога технологијата ја диктира нашата секојдневна рутина, книгата останува едно од ретките нешта што не ја губи својата душа.“

Ние ѝ посакуваме да продолжи да твори и да нè израдува со нови книги, а вас, драги читатели, ве охрабруваме да ги израдувате вашите најмали со оваа прекрасна книга.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook