На 4-5 јуни 2025 година во организација на НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола се одржа Меѓународна конференција на тема: „Иновативни библиотечни програми – едукација на корисници и професионално усовршување на библиотекари“, проект поддржан од Министерство за култура и туризам на Република С. Македонија. На Конференцијата зедоа учество гости и библиотекари од Република Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, како и од повеќе библиотеки од нашата држава. Координатор на проектот беше м-р Милка Котевска, виш библиотекар, а во Организациониот одбор, покрај Котевска беа и програмскиот раководител на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Јелена Петровска, библиотекар советник, м-р Мариче Боздоганова, библиотекар советник од НУУБ „Григор Прличев“ Охрид и Билјана Аџиовска-Панџарова, виш библиотекар, ЈУ ГБ „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Во рамките на конференција како дел од придружната програма, во Дневна соба на градот беше поставена изложбата „Читање на традицијата – кирилицата во калиграфија и вез“, 17 опремени слики од две авторки, Јованка Шоргиќ и Добрила Аскрабиќ, Р. Србија.

Како настан што ја обедини меѓународната библиотечна заедница, со успех беа претставени стручни трудови во четири сесии водени од истакнати модератори од библиотечната дејност. Во секоја сесија се прикажаа корисни практики, иницијативи и програми кои ги претвораат библиотеките во живи центри на заедницата – отворени, инклузивни и ориентирани кон иднината.

Во првата сесија се презентирани пет стручни трудови со заедничка поттемата „Иновативни програми во функција на менување на заедницата“. По програмата, библиотекарите проследија искуства од библиотеката „Димитрије Туцовиќ“ од Лазаревац, Р. Србија во однос на негување на културните разлики во согласност со конвенции на УНЕСКО. Инклузивни  програми за работата со деца и млади од библиотеката во Херцег Нови беа презентирани од аниматорот-библиотекар со долгогодишно искуство на водење на програми од детскиот оддел при библиотеката.  Колегите од Пехчево и Битола дадоа практични примери за работа со маргинализираните групи, лица со попреченост и припадници на ромската заедница. Предавањето за онлајн платформа како иновативно решение за изработка на ЦИП запис е практично решение и иновативен пристап кон темата.

Модератор на оваа сесија беше Јелена Петровска, библиотекар советник.

Втората сесија со тема за едукација на корисниците како метод за креирање на квалитетни библиотечни програми, како и на улогата на библиотеките во активно користење на слободното време донесе шест стручни трудови. Проектот „Стари нису ствари“ од Народната библиотека Грачаница зборува за инклузија на старите лица преку работилници со теми од социјална инклузија, исто како и најновите програми од ЈУ Народната библиотека и музејска збирка од Зворник, поврзани со интеграција и едукација на корисниците и библиотекарите. Колегите од Кочани и Куманово ни ги пренесоа своите искуства поврзани со улогата на библиотеките во активно користење на слободното време. Како и во првата сесија, од Национална библиотека проследивме презентација на темата едукација и професионално усовршување на библиотекари низ призмата на Матично одделение при библиотеката.

Модератор на сесијата беше Мариче Боздоганова, библиотекар советник.

Третата сесија беше посветена на обуките и професионален развој на библиотекарите со вкупно презентирани пет трудови. Колегите од јавната библиотеката со  најголем број на корисници и подрачни единици во државата, ги презентираа своите најуспешни програми од праксата.  За професионалниот развој на библиотекарите ги споделивме искуствата од струмичката библиотека, а типизиран професионален развој на библиотекари од вискошколските и универзитетските библиотеки беше претставен во форма на истражувачки стручен труд. За библиотечните услуги и предизвици во работењето со деца и млади имавме прилика да слушнеме од колегите од Велес.

Билјана Аџиовска-Панџарова, виш библиотекар, ја водеше сесијата.

Вториот ден на конференцијата ги донесе шесте презентации посветени на комуникациската врска помеѓу корисникот и библиотекарот. Колегите од Охрид, Тетово, Скопје, Куманово и Битола ни пренесоа поглед на библиотеките како медиум за комуникација, како и комуникациската врска меѓу корисникот и библиотекарот со примери на добра пракса. Тие се клучен сегмент во каналот на комуникацијата, токму во делот на компетенциите на библиотекарите во врска со пронаоѓање на електронски информации за потребите на академскиот кадар.

Модератор на сесијата беше Милка Котевска, виш библиотекар.

Во текот на конференцијата библиотекарите имаа прилика да ги споделат своите согледувања и идеи во однос на практична библиотечна работа, професионализација на кадарот и развој на библиотечната дејност во регионот. Неформалниот дел од конференцијата допринесе за позитивна атмосфера на конференцијата и можност за размена на идни библиотечни проекти.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook