„Слики и спомени, фрагменти од минатото,
Во албум на срцето, приказни се отвораат,
Прашина на минатото, во аглите останува…..“
Пролетното сонце го искористивме овој пат да одиме на кафе и книга со битолскиот писателот Игор Трајковски-Фоја кој неодамна во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, ја промовираше својата шеста книга, од вкупно 8 негови дела. Игор Трајковски -Фоја е млад битолски автор, сопруг, татко, фотограф, музичар, графички дизајнер, филмски сценарист и голем љубител на пишаниот збор кој за него претставува моќ со која ги запишува сите случки и сите теми кои некако повеќето писатели ги заобиколуваат или не пишуваат за тоа. Тој во своите дела ги опфаќа политичките и социјалните предизвици кои како во вртлог го имаат фатено ова мало парче земја. Оваа прилика ја искористивме да поразговараме со писателот за моќта на пишаниот збор и изборот на различните стилови и теми кои се опфатени во неговите книги.
Разговорот го започнавме откривајќи ги неговите почетоци во светот на творештвото. Тој ни зборуваше дека неговите почетоци се од неговите студентски денови:„ Почнав да пишувам додека бев на студии. Како и секој друг млад човек, работев и студирав и секоја случка ја запишував, од која потоа произлегоа и моите први книги“. Потоа додаде дека „инспирацијата за пишување ја црпам од секојдневието, мојот живот е исполнет со луѓе од кои произлегуваат идеите“.
Потоа го запрашавме за учеството на фестивалите а тој ни кажа дека за своите дела има добиено голем број награди на поетските фестивали во Европа (Италија, Португалија), за кој толку многу скромно зборуваше, иако тие се потврда дека неговиот пишан збор патува и надвор од границите на нашата земја.
За своите книги ни рече :„ сите книги се пишувани во различни стилови (романи, кратки раскази, драми, поезија..)“ што покажува дека неговата сестраност во творештвото е онаа во кој тој ја наоѓа слободата, како што ја наоѓа во фотографијата. Во текот на разговорот се сложивме дека неговите книги се книги кои секој млад човек треба да ги чита. Ретко кој писател ја опфаќа оваа тематика и опишува случки кои им се толку блиски, секојдневни авантури во кои секој може да се пронајде.
Игор Трајковски- Фоја не запозна и ни зборуваше за сите негови дела: збирката поезија „Елисистичко ехо: Поезијата на меморија на слободата“, драмските текстови „Излез“, „Земја на отпад“; „Прирачник за сценаристи“, романите „Кукла“, „Снежна пустина“, кратки раскази „Позитивен во услови на тотална светска депресија“, „Иднина во минатото“, а и ни кажа дека привршува со неговите нови дела, кои со нетрпение ги очекуваме.
Разговорот го завршивме со порака до вас, драги наши читатели:
„Не плашете се од вистината. Не бегајте од контрадикторноста – таа е дел од секој од нас, знак дека растеме. Сомнежот е патека кон длабоко разбирање, а љубопитноста – клуч што го отвора знаењето. Само преку знаење, мислата се осветлува, душата се воздигнува, а ние се спасуваме од бездните на незнаењето. Барајте. Истражувајте. Размислувајте. Читајте – преку читањето се учиме себеси. Читајте македонски автори – во нив се одразуваат нашите сенки и светлини.“
А ние би Ве поканиле да ги изнајмите неговите книги и да уживате во случките , згодите и незгодите на неговите ликови.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook