„Среќата и несреќата зависат од тоа колку љубов имате“ Монах Симеон Атонски-извадок од книгата „Рок на траење“

Во духот на празниците, кога царува магијата на молитвата, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, на кафе и книга беше со нашата млада писателка м-р Марија Трифуновска Тасеска. Марија е млада писателка, наставничка по англиски јазик во ООУ „Стив Наумов“ – Битола, која го негува македонскиот пишан збор, творејќи романи кои имаат специфичен допир до секојдневните случувања.

Која ја запрашавме кои се нејзините почетоци, таа ни одговори: „Почнав да пишувам многу мала, првата награда и тоа прво место ја добив во трето одделение на конкурс посветен за Битола. Со таа награда се мотивирав да продолжам да пишувам. И тогаш, а тоа го правам и до ден денес секоја моја мисла си ја запишував во тетратка. Понекогаш и од сон станувам, кога ќе добијам некоја мисла и морам да ја запишам“. А за целата моја љубов и мотив кон пишувањето сакам да напоменам дека ја добив од мојата мајка , која исто така сака да чита и да пишувам“.

Марија до сега има напишано неколку книги, а неколку нејзини творби се објавени во списанија и во антологии. Таа има објавено една книга поезија „Звукот на тишината“ и 3 романи: „Синот на свештеникот“, „Рок на траење“и „Ангел чувар“. Бидејќи го владее англискиот јазик неколку нејзини дела се напишани на англиски јазик и се објавени во меѓународното списание „The Poet“.

Кога ја запрашавме за награди таа скромно одговори дека ретко учествува на конкурси: „Награди имам малку, некои се многу одамна, кога бев во основно училиште. Имав освоено прво место во училиште каде што учев и прво место другата година во друго училиште. Прво место имам освоено и на конкурс во вашата библиотека во 2016 на конкурс за расказ на тема „Женско писмо“ организиран од Организација на жени Битола во соработка со вашата библиотека. Немам учествувано на многу наградни конкурси, повеќе учествувам во проекти и поетски читања, манифестации.“

Марија ни се пофали дека моментално работи на неколку нови литературни проекти. Таа моментално работи на приказни за деца кои се проект во соработка со Коалиција за заштита на децата. Исто така веќе твори нов роман, кој како што рече и самата малку ќе почека бидејќи пред неа се јавува еден поголем предизвик, а тоа е подготовка на сценарио за историски македонски филм. Нешто што ќе опфати еден важен дел од македонската историја.

За крај ја замоливме да Ви се обрати вас, драги наши читатели, затоа што секој писател твори за вас читателите.

„За крај би им препорачала на сите да читаат квалитетни книжевни дела. Денес, не секое дело може да се нарече книжевно. За да е квалитетно книжевно дело тоа треба да има и душа и тело односно и суштина и форма. Целта на моите дела не е да нѐ тргне од реалноста и да ни овозможи да постоиме во мигот на нереалното, туку спротивно на тоа. Целта на моите дела е да нѐ тргне од надворешноста и да ни овозможи барем за миг да си ја проживееме внатрешноста, онаа нашата, највистинската, најреалната. Да си сме во себеси, барем за миг, да постоиш со твоето вистинско ‘јас’. Тоа е најреалната реалност која дозволуваме да ни ја украде надворешниот свет и поголемиот дел од животот постоиме без себеси, надвор од себеси, без реална внатрешност, во нереалната надворешност. Додека универзалната порака што се слева низ сите мои пишани дела, а тоа би им го посакала на сите е дека во животот треба вложување труд, вложување на себеси за поголемото добро за да има постоењето смисла. Не треба многу кукање. Кукањето оставете им го на кукавиците, тоа е нивна работа, тие само прават дупки секаде каде што ќе се закачат, односно го растураат целото, одземаат од она што веќе е. Вие собирајте секаде каде што чекорите и правете поголемо сѐ да е, составете го она што растурено е.“ рече писателката м-р Марија Трифуновска Тасеска.

Нас ни останува да и посакаме да продолжи да твори и да го збогати нашиот роднокраен оддел со нејзините нови дела.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook