Во изложбениот салон на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола поставена е „Изложба на факсимили од роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија“ подготвена од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Изложбата на овие вредни примероци од своерачно напишани творби од 24 реномирани писатели кои потекнуваат или живеат и создаваат во Битола, е подготвувана скоро две години. Секој факсимил е напишан на рачно изработена рециклирана хартија која, по повод 40-годишниот јубилеј на училиштето, ја изработија учениците од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола, под менторство на Весна Мундишевска-Велјановска и Валентина Ристеска, наставници по графички стручни предмети, а изложбата е реализирана во соработка со м-р Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски, библиотекар, координатор на „Роднокрајните средби на битолските писатели“.
Факсимили напишаа истакнатите македонски писатели: Елизабета Баковска, Димитар Башевски, Јордан Плевнеш, Раде Силјан, Веле Смилевски, Даниела Андоновска-Трајковска, Славица Гаџова Свидерска, Милица Димитријовска Радевска, Петре Димовски, Златко Жоглев, Никола Илијовски, Владо Јаневски, Елизабета Јончиќ, Љубе Митрејчевски, Весна Мундишевска-Велјановска, Кире Неделковски, Сашо Огненовски, Зоран Пејковски, Христо Петрески, Михајло Свидерски, Гордана Стојаноска, Мирјана Стојановска, Биљана Т. Димко и Добре Тодоровски.
Графичката струка овие вредни факсимили ни ги подари на нашето роднокрајно одделение со што НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола го збогати фондот на ракописи од роднокрајни автори. На овој начин се придонесува за афирмација на творечките дострели на писателите и за зачувување на овие своерачни писанија како трајни вредности. Факсимилите од битолските роднокрајни писатели – членови на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат незаборавен белег на времето во кое овие автори живееле и создавале.
Ви благодариме!!!
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook