Претставување на животот и делото на писателот Анѓелко Крстиќ
Во организација на Библиотеката и Културно-информативниот центар на Србите во Р.С.Македонија, одржано е предавање за животот и делото на писател Анѓелко Крстиќ кој е роден во с. Лабуниште кај Струга, и претставува мост, спона помеѓу двата народи.
Предавањето го одржа доц. д-р Мирјана Бојаниќ Ќирковиќ од Филозофскиот факултет во Ниш, нејзиното предавање наиде на голем интерес кај присутните, токму поради фактот што овој писател не е многу познат на пошироката јавност. Тој пишуваше за печалбарскиот живот и многу негови приказни се инспирирани токму од живеењето во нашите простори. Најпознато негово дело е „Трајан“, кое за прв пат е објавено во 1932 година. На публиката им беа поделени печатени мисли на авторот, така што присутните можеа одблиску да се запознаат со неговите извадоци од делата.
На промоцијата беа присутни и Милутин Станчиќ од Спона, професор Горан Максимовиќ од Нишкиот Универзитет, како и претставници на издавачката куќа Scero Print од Ниш, директорот Ненад Серафимовиќ.
Предавањето ги инспирира присутните на повеќе прашања на кои одговараа гостите, а промоцијата на делото и ликот на Анѓелко Крстиќ заврши со заедничка порака од присутните за важноста на изучување и доближување на културните и литературните содржини и градење на мостови кои ќе ги зближуваат народите на овие простори.
Битола, 15.03.2024. год.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook