Поднаслов: Историски час + награден повик за најдобар есеј

Говорници: м-р Фатма Бајрам Аземовска, м-р Ивана Хаџиевска

Место и време: 06 март (среда) – 17 часот – НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола

Краток опис:

Драги ученици и ученички, ве покануваме на еден поинаков историски час – на кој ќе имаме можност да размислуваме и зборуваме за тековите на историјата на жените од македонското минато, а со тоа и суштински да учествуваме во културата на одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 март. На крајот, можеби и да се инспирираме за пишување на есеј токму на оваа тема…

Двете светски војни и подемот на индустриските општества неповратно ги промениле социјалните улоги во приватниот и јавниот живот во Европа – старите норми и патријархалниот свет биле предизвикани од новото време на револуции. Женските движења за политичка рамноправност, еманципација и економска борба, се кристализирале во рамките на барањето на право на глас, како и во разни форми на учеството на женско население во револуционерните, националните и герилските движења за време на клучните настани во 20 век низ светот. Но, често остануваат прашањата: каква е историјата на жените од Македонија во 19 и 20 век? Како жените под нашето небо ја разбирале и доживувале својата еманципација? Како од невидливоста на патријархалните норми, нашите претходнички навигирале кон станувањето дел од историјата на изградба на државата, првите институции, но и различните заедници во кои живееле и работеле? И многу важно за сите нас: од каде може да црпиме извори и да читаме историска литература за овие прашања?

Сакате да дознаете повеќе за учителките Недела и Станислава Петкови и за важноста на образованието на девојчињата на преминот помеѓу 19 и 20 век?

Можеби ве интересира повеќе за создавањето на нашето прво женско списание „Македонка – Орган на АФЖ“?

Тогаш придружете ни се на нашиот историски час!

Историчарката Ивана Хаџиевска ќе не води низ нарацијата за 20 век – доба на екстремни и радикални промени во животот на луѓето во Европа, но и фасцинантна приказна за човечката борба и потреба за цивилизациски скок напред.

Предизвик: Повик од награден карактер до сите присутни на историскиот час: пишување есеј на тема „Историјата на жените од македонското минато до денеска“

Говорници:

  • М-р Фатма Бајрам Аземовска , раководителка од областа на Развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола
  • М-р Ивана Хаџиевска, родена во Битола, историчарка со специјализација во областа на социјалната историја. Авторка е на бројни објавени студии на национално и интернационално ниво, од областа на социјалната историја и историјата на жените. Пишува и есеи посветени на културна критика. Во последната објавена студија таа се јавува како коуредничка: „Архиви на невидливите: Македонка – Орган на АФЖ (1944-1952), историски искуства и културна меморија“ (Скопје: ЦИНИК, 2022).

Едукативни видео материјали: „Испреплетени истории“ – Центар за истражување на национализмот и културата – Скопје // https://cinikskopje.wordpress.com // https://www.youtube.com/playlist…

Визуелни и наративни материјали: Nevidliviarhivi.mk

Исто така во рамки на предавањето е изложена изложба од периодични списанија на тема „Жена“. Изложбата ја подготви библиотекар Марија Марковска.