Денеска во просториите на Библиотеката се одржа завршна активност во рамки на одбележување на Патрониот празник на Библиотеката.

Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола со низа активности го одбележува Патрониот празник.

На почетокот на настанот поздравен говор имаше м-р Бојан Стефановски, директор на НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола.

Националната установа –Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола со посебно внимание, но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски – Чудотворец.

Се одржа промоција на Библиографија на изданија на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола (1945 – 2023) која ја составиле, уредиле и редактирале: Гордана Пешевска и Ленче Андоновска, библиотекар советници.

Промотор беше нашиот колега Илче Стојановски.

Промоцијата на монографската публикација „Библиографија на изданија на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола (1945 – 2023 година“ е посебен повод на највисоко ниво да ги претставиме и презентираме на едно место (во библиографија) сите досегашни изданија на нашата национална установа.

Библиотеката во своето 79 годишно постоење им овозможи на сите вработени кои имаа идеи и знаења да можат слободно да ја изразат својата научна и истражувачка дејност и да ја преточат во дела кои се дел од оваа Библиографија, а сè со цел да придонесат во промоција на македонската култура кај нас и во странство.

Застапени се истакнати, објавени и реализирани стручни проекти од посебно значење за унапредување на библиотечната дејност кои ги има во голем број и се состојат од истражување, творење, создавање на дела кои служат како пример за учење, библиографска информација, хроника на една дејност, библиографски трудови во доменот на роднокрајната дејност на Битола и Битолско но, и такви со прирачнички хроничарски односно културно – историски карактер како за Битола така и за Македонија, активности за презентација и промоција на македонската книжевна продукција во странство односно реализирани проекти, активности и трудови од значење за унапредување на библиотечната дејност во Општина Битола, државата и пошироко.

Исто така се промовираше списанието „Библиотечен тренд“ број 57, промотор беше Маријан Корлевски и на крај следеше промоција на Зборник на излагања од 18-тата Роднокрајна средба со битолските писатели од Македонија, за зборникот зборуваше координаторот м-р Гордана Ѓорѓиевска Неделковски.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook