Тамара Корлеска, Ментор: Кристина Ташевска

Кога едно дождливо утро заѕвоне будилникот на Марија и ја пробуди од нејзиниот кошмар, таа сè уште нерасонета се упати во бањата. Кога се погледна во огледалото ги забележа модринките врз телото и заморените очи од долгото плачење. На момент се присети на сликата од минатата вечер, се присети на една очајна и срцекршечка слика. Се присети на болката која ја претрпе минатата ноќ, на болката која ја претрпува со месеци.
Брзо ја тргна сликата од глава и почна да се спрема, ги прикри модринките за да не се видливи за останатите. Таа веќе знаеше како да ги прикрие затоа што го правела тоа и предходната седмица, а и таа пред неа. Марија се плашеше од последиците со кои ќе се соочи доколку ја раскаже својата долга и болна приказна иако некој глас во неа и велеше „Што ако кажам зарем може да биде полошо од ова?”. На патот кон работното место Марија долго се двоумеше дали да ја каже својата мака некому. На влезот од зградата во која работи беше истакнат плакат на тема „Насилство врз жените”, на истиот беше оставен и контакт за пријавување на случај на насилство или малтретирање. Марија го прочита плакатот и побрза нагоре по скалите бидејќи доцнеше на работа. Во текот на целиот ден тој плакат на Марија и се вртеше во глава, ја стави во искушение. На паузата за ручек Марија разговараше со својата колешка Ана. Ана забележа благо синило на некои делови од телото на Марија, а и погледот и беше изморен. Таа се посомнева дека Марија е жртва на насилство, но не знаеше како да пристапи кон Марија, а да не биде погрешно сфатена. Кога заврши паузата двете се вратија на своите работни обврски и двете размислуваа за истиот проблем, едната дали да каже, а другата дали да праша. На пат за дома Ана најпосле ја праша Марија. Марија негираше иако знаеше дека доколку каже ќе се спаси. Кога требаше да се разделат Марија не издржа, си ја отвори душата раскажа сè. Марија во солзи ја раскажуваже својата мака, а Ана со вознемиреност ја слушаше. Долго размислуваа кому да се обратат за помош, најпосле Марија се сети на плакатот што го виде тоа утро. Заѕвоне на бројот кој беше оставен, се искажа и побара помош. Претставникот на здружението ù кажа дека ќе направат сè што можат за неа. Таа вечер Марија остана да спие кај својата пријателка, а веќе следното утро беше во судницата во која се разведе од својот сопруг, а во истата таа судница тој доби казна за стореното дело. Марија од таа судница излезе чуствувајќи се безбедно и спокојно, излезе од таму и знаеше дека се спасила од нешто тажно.
Откако стави точка на насилството кое се случуваше врз неа таа одлучи да им помогне и на другите жени кои поминуваат низ истото па формира здружение. Таа формира здружение со кое помогна на многу жени кои исто како неа долго молчеле, охрабри многу жени, ги поттикна и подучи да бидат силни, а потсети и многу луѓе дека насилството не е ништо убаво.
Марија кажа НЕ за насилство врз жените,кажете и вие!

Ева Мари Митрески, Ментор: Бисера Бијелиќ-Стојчевска

„Тој што се тепа, се сака” – Колку пати сте го слушнале ова? Oд најмала возраст нè учат дека машките што нè тегнат за коса всушност нè сакаат. Тие што ни фрлаат кал и нè исмејуваат на игралиштето, незнаејќи за друг начин, вака ја прикажуваат љубовта. Како очекуваме тоа да не се манифестира во зрелоста, во подоцните години кога бираме животни партнери?
Дали љубовта е тупаница, заканувачки подигната високо за да нè удри во моменти кога нашите ѕидови се спуштени?
Од најмала возрат, жените ги учиме да трпаат, да внимаваат, да молчат пред посилниот, да се плашат од мажите и од тоа што тие можат да го направат. Од најмала возраст нè учат да бегаме од тие што ни свират во темните сокачиња, манијакално ни го меркаат телото додека одиме по улица, да спуштаме поглед кога нè навредуваат и тепаат. Нели е контрадикторно? Зарем не е погрешно?
Машките што ме тегнеа за коса како мала, денес ми пишуваат љубовни стихови, ми праќаат песни и ми шепотат дека ме сакаат, дека се добри и дека не се како другите,
но како може да им веруваме кога тие никогаш не биле казнети за своето минато?
„Машките ќе бидат машки, тоа никогаш нема да се смени.”
Насилството се манифестира во зрелоста. Некогашните мали девојчиња, сега пораснаа и потсвесно живеат со мотото „Тој што се тепа, се сака”.
Во денешно време е тешко затоа што си опкружен со монструми кои носат човечка маска, а ќотекот го зачиуваат со шепот на „те сакам”.
Ако навистина ме сакаш не ме повредувај. Немој да ме туркаш и да ме маваш. Не ме ставај во позиција да бирам меѓу психичкото здравје и љубовта. Љубовта не е тупаница, љубовта е прегратка.
„Тој што се тепа, тој сака”. Со секое ново повторување на оваа фраза, со секој чекор напред ние одиме два чекора назад, а не сме ни свесни за тоа.
Јас сум жена и јас не сум должна да трпам. Јас не сакам да живеам во страв и верувам дека промената ќе започне од мене. Можеби не сум физички силна, но го имам зборот со кој ќе го сменам светот.
Зборот е моето оружје, мојата моќ. Ќе зборувам, ќе поттикнувам, ќе пријавувам, ќе го променам светот. И да, еднаш засекогаш запомнете „Тој што се тепа, не се сака”

Ивана Ристеска, Ментор: Кристина Ташевска

Во една мала соба, во куќа далеку од срцето на еден град, една жена седела сама во ќошот на мрачната и ладна соба. Низ нејзиното помодрено лице течеле солзи како река.
Темното светло треперело над неа правејќи страшни слики. Надвор имало невреме.
Грмотевиците и силниот дожд го пресликување нејзиното скршено срце. Со години таа ги трпела суровите раце на нејзиниот сопруг и огорчените зборови на нејзините синови. Од нејзините лузни и кажани зборови веќе и било доста.
Една студена вечер, таа посакала да сонува. Сакала да го сонува нејзиниот неостварен живот. Живот полн со љубов и слобода. Додека ги затворала своите уморни очи си ја кажала својата последна молитва. Во сонот била таа, облечена во еден долг бел фустан, со долга плетенка на која имало преубави цвеќиња. Таа седела на една лулашка која била на
врвот на една планина од која се гледал нејзиниот роден град. Од таму ги гледала сите и се радувале што е конечно слободна . Но вистината била дека таа починала. И сонот бил нејзиниот пат до рајот.
Зарем мора некој живот да згасне поради гнев и омраза од некој друг?!.

Фунда Демир, Ментор: Сузана Петковска

Раце во било какво срце се раце полни со љубов, полни со топлина и позитивна енергија. А во портокалово срце се раце жешки како сонцето во изгревот, како огнот во зимското ноќно огниште, како топлина разлеана од жежок ветер…
Тие раце се рацете на една пожртвувана мајка, рацете на вредната жена која во секој миг гледа да му погоди секому од семејството. Тие раце се раце на домаќинката која можеби ќе го зготви ручекот погрешно, или ќе го пресоли, но најважно е дека тие раце постојано нешто работат! Тие раце се рацете на мајката која ги држи беспомошните мали детски раце кои се плашат дека ако ги испушти ќе останат да лебдат на празно. Тие раце знаат најубаво да галат, да ја шират најголемата прегратка на светот упатена за детските очи кои храбро ја бодрат за храброста во животот.
Рацете во портокалово срце се рацете кои ги полеваат детските главчиња со љубов, рацете во портокалово срце се рацете кои пишуваат домашни задачи со детските раце во ноќта тивка, рацете во портокалово срце се рацете кои ги ладат детските чела во ноќите кога децата се болни и имаат температура. Тие раце се рацете кои придонесуваат се за да ја оттргнат настинката од нивните чеда и да бидат насмеани. Рацете во портокалово срце се рацете кои заработуваат за потребите во семејството…
Но, рацете во портокалово срце треба да останат силни а нежни, борбени а топли… Никако во никој случај не смеат да бидат ладни, скршени, беспомошни. Тие женски раце не смеат да бидат запоставени, заборавени, недопрени…
Тие женски раце не смеат да бидат неактивни!
Да направиме штит од нашите раце огромен, железен, штит преку кој никој не ќе може да им наштети на тие женски раце!
Штитот нека биде од детски раце во форма на срце- портокалово срце кој ќе зрачи со топлина и љубов исто толку колку што зрачат нејзините женски раце.

Христина Секирска, Ментор: Живка Т.И. Паркет

Во еден мал град сместен меѓу ридови и златни полиња, живееше група жени кои решија да заземат став против насилството. Тие се нарекуваа себеси „Сестри со портокалово срце“, инспирирани од симболот што го усвоија за да ја претстават нивната кауза – раце кои формираат срце, насликани во живописна портокалова нијанса.
Меѓу членовите беше Ема, жена со сила и сочувство. Ема ги виде катастрофалните ефекти на насилството врз жените во нејзината заедница и знаеше дека е време за промени. Решена да направи разлика, таа собра луѓе кои го имаја истото мислење и кои ја споделија нејзината визија за свет ослободен од страв и штета.
Сестрите, организираа настани и работилници за подигање на свеста за насилството врз жените, поттикнувајќи отворени разговори и поттикнувајќи чувства на солидарност меѓу заедницата. Еден ден, тие решија да бидат домаќинки на саем на заедницата, поканувајќи ги сите да учествуваат во создавањето на огромен портокалов мурал на срцето. Секоја личност може да го додаде својот отпечаток од раката на муралот, симболизирајќи ја нивната посветеност да се спротивстави на насилството.
Како што се одвиваше настанот, се приклучија луѓе од сите сфери на животот. Мажи, жени и деца се собраа, со рацете обоени во портокалово, притискајќи ги дланките на муралот со заедничко чувство за цел. Муралот почна да се обликува, прекрасен доказ за единството и колективната определба да се стави крај на насилството врз жените.
Ема ја сподели својата приказна, повикувајќи ги другите да зборуваат и да ги поддржат оние на кои им треба помош. Сестрите, исто така, обезбедија ресурси и информации за локалните организации кои нудеа помош на преживеаните од насилство.
Во неделите што следеа, сестрите ја продолжија својата работа, проширувајќи го својот досег и влијание. Портокаловиот симбол на срцето стана светилник на надеж, потсетник дека промената е можна, а заедницата застана обединета против насилството.
Како што се повеќе и повеќе луѓе се приклучија, градот забележа промена во ставовите. Луѓето почнаа да известуваат за инциденти, да ги поддржуваат преживеаните и да се спротивставуваат на арамиите. Сестрите на портокалово срце успешно создадоа култура на емпатија и одговорност.
Во срцето на нивниот мал град, опкружен со полиња и ридови, живописен портокалов мурал со срце стоеше како моќен потсетник дека рацете споени заедно можат да создадат нешто убаво и што е уште поважно, да го сменат наративот за жените кои некогаш живееле во страв. Сестрите на портокалово срце го посеаја семето на трансформацијата, негувајќи заедница каде насилството врз жените повеќе не се толерира, а духот на единство преовладуваше.