На 31 мај во книжарницата Book’s House се одржа четвртата работилница од проектот „Биди свој! Креативни програми за сите возрасти“ на тема „Фиктивни – реални приказни“. Овој проект е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Работилницата ја спроведовме во соработка со Здружението на дијабетичари од Битола заедно со претседателката Душанка Атанасовска и дел од членовите на здружението.
Инспирирани од потребите и проблемите кои тие како дијабетичари ги имаат во нивниот живот борејќи се со оваа подмолна болест, ги поттикнавме на раскажување на нивни реални приказни.
Приказни кои покажуваат реална слика како е да се живее со оваа болест и со кои предизвици се соочуваат тие секојдневно или „слатко-горчливи“ маки како што велат тие самите. Ова се приказни кои ние сакавме да допрат до пошироката јавност, бидејќи искуствата на овие луѓе можат да претставуваат совет и лекција за сите нас.
На ниво на Република Северна Македонија формирано е и Здружението „Советувалиште за дијабетичари“, кое сите можат да го следат на нивната fecabook страна, за подетелни информации.
НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола преку овие настани придонесува да се слушне гласот на овие луѓе. Ти се пример како преку читање и пишување можеме да си помагнеме во процесот на лекување, а истовремено да можеме да помогнеме и на новите случаеви, кои за жал се повеќе ги има како последица на модерното време во кое живееме.
На сите учесници во работилницата им подаривме книга и им посакавме добро здравје.
Координатори на проектот Маријан Колевски и м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски
Моја љубов, моја храна, мое здравје од Анкица Витанова – Скопје.
Годините минуваат, а нашата борба со дијабетот тече како мало поточе, а композиторот Б.Сметана преубаво го опишува тоа во патот на една река ,,Влтава”. Така течат годините, а нашите слатки, навидум мали, но големи проблеми со храната која за нас ,,слатките” луѓе значи живот.
Многу прашања имаме во нашата глава: „Што денес за појадок, што за ручек, што за вечера? Тоа се нашите секојдневни прашања. Страв од преубав бел леб, од мирисот на бурекот, преубави торти и колачи (кои ги гледам само на интернет како рецепти)“.
А, кога ќе поминам и видам едно прекрасно виножито од сладоледи и слушам весел детски жагор: „Тато сакам сладолед од чоколадо, од малини, страчатела или…, а јас малку ќе подзастанам и тажно ќе заминам. Која убавина од сладоледи како виножито наредени во зделите, а јас само можам да ги гледам. Зарем тоа не е тажно?“.
Но, тоа е мојот ,,сладок” живот. И тогаш се прашувам: „Зошто и ние не сме како сите луѓе, зошто јас морам да завртам глава и да заминам од тоа прекрасно слатко виножито? И тогаш во мојата глава се враќа мислата, ајде да купам само една топка сладолед со оној убав корнет. И тогаш настанува тишина во мојата глава и со големо прашање. А што потоа? Треба да се боцнам и апаратчето ќе покаже 12, 13 или 14 единици. Следи голем прашалник и прашање за мене: Зарем е поважна топката сладолед од моето здравје?“.
Само психата е најважна за нас, но и за секој човек не само кога се работи за исхраната туку и за сите проблеми кои ги имаме после таа топка сладолед.
А шта е исхраната за нас најслатките луѓе?
Кога ќе ја осетите убавината и вкусот кој е на самиот врв на јазикот и ќе ги задоволите своите моментални потреби, а потоа ќе имате проблеми со здравјето е тогаш ќе сфатиме дека е сосема доволно да помислиме „Ауууу колку е убава нашата исхрана без брашно, без шекер, без………..”
И тогаш ќе се замислам: а нашите пријатели кои имаат многу потешки здравствени проблеми и мораат поинаку да се хранат? Веднаш си поставувам прашање во мојата глава.
Па, ни сме само слатки луѓе, луѓе кои треба да имаме само позитивни мисли во нашата слатка глава. Можеме и без бел леб, без мирисот на бурекот и прекрасното виножито од сладолед. Зар не е така???
Затоа бидете ми секогаш среќни и весели, зашто ние сме само најслатки луѓе на светот кои треба да шириме само среќа и љубов.
Голем поздрав на сите мои драги најслатки пријатели.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook
Објавено од: Слободан Пачовски
1 Jun, 2023