Во рамките на Проектот претставниците на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, имаа можност да остварат посета и работна средба со библиотекари од Универзитетската библиотека од Бохум (Р.Германија). На работната средба беа претставени проекти и активности на двете библиотеки. Улрих Зенер (Ulrike Zehner) раководител на одделот за информации и кориснички услуги преку повеќе презентации ги пренесе искуствата на библиотеката од Бохум во врска со организација на групни, туторски и онлине курсеви за пребарување на каталогот на библиотеката и за пишување на стручни и научни трудови. Особено се значајни курсевите, консултациите и информациите за истражување на библиотечни ресурси, софтвер за управување со литературата, како и поддршка на научно истражувачката работа од најмалата возраст па се до академско ниво, како и кариерно водење на средношколците.

 Директорот на библиотеката  Dr. Jörg Albrecht изрази задоволство заради интересот на македонската библиотечна делегација.

Универзитетот Рур во Бохум (германски: Ruhr-Universität Bochum, RUB) е јавен истражувачки универзитет сместен во јужните ридови на централната област Рур,  Германија. Основан е во 1962 година како прв јавен универзитет во Германија по Втората светска војна. Универзитетот нуди вкупно 184 различни студиски програми од сите академски области застапени на универзитетот.

Значајна е и големата ботаничка градина во кампусот која се простира на 13 хектари површина со над 10.000 различни растенија во чиј состав се тропска куќа, пустинска куќа, кинеска градина и куќа во савана.  Секако дека студентите имаат ретка прилика за проучување на богатата флора и фауна, но и идеално место за одмор и учење.

Во рамките на Универзитетот делуваат 21 факултет со околу 50.000 студенти. Секоја единица има своја библиотека, но главна и централна библиотека на Универзитетот е Универзитетската библиотека Бохум, која врши централни задачи за снабдување на литературата за студии, настава и истражување, online курсеви и пристап до голем број на бази на податоци. Покрај традиционалната библиотечна граѓа поседува и голем број на дигитализирани единици. Со фонд од над 1,6 милиони печатени медиуми во универзитетската библиотека и лиценци за голем број електронски ресурси, таа е една од најголемите библиотеки во Северна Рајна-Вестфалија. Покрај за членовите на универзитетот, таа е достапна и за пошироката јавност.

Искуствата од германските колеги ќе бидат имплементирани во следните активности на библиотеката.

Бохум, Р.Германија (28.11-31.11.2022 г.)

Јелена Петровска

Лидија Мирчевска

Даниела Ќурчиевска

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook