Проектот „Заштита на книжниот фонд на библиотеките“ се заврши со голем успех. По повод Месецот на книгата и училишните библиотеки, учениците-графичари во рамки на часовите за вежби и практична настава успеаја да заштитат околу 300 книги од училишната библиотека кои беа оштетени и ги вратија повторно во употреба.
Во текот на месеците октомври и ноември учениците од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола и НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола реализираа низа активности.
Тие демонстрираа постапки за проверка и заштита на книжен блок; разни начини за заштита со меки и тврди корици, како и постапки за изработка на нови корици; техники на лепење и шиење со жица; постапки за зацврстување на поврзник на книги; обрежување; поставување на библиотечни налепници на книгите и нивно бележење; контрола на книгите итн.
Ментори на активностите во проектот беа професорките по графички стручни предмети: Весна Мундишевска-Велјановска, Катерина Спасовска Маурдева, Снежана Паскова, Мери Цицковска и Валентина Ристеска. Библиотекарките м-р Гордана Ѓорѓиевска-Неделковски од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и Мирјана Наумовска, библиотекар во СОУ „Таки Даскало” се соработници во проектот со цел одбележување на овој значаен месец.
Повеќе фотографии на следниот линк: Facebook post