Книгата е нешто кое може да го промени вашиот живот и да ве однесе во еден поинаков свет. Без оглед на тоа дали сакате да фантазирате или сакате некој реалистичен роман, за секого има совршена книга. Библиотеката „Св. Климент Охридски“ – Битола располага со најпопуларните книги на сите времиња, книгите што ги промениле животите на многумина кои што ги прочитале. Ова е листата на најчитаните книги во светот на сите времиња:
Библија (М II 27019, М I 3816)
Библијата е најчитана книга во светот. Во изминатите 50 години, Библијата е продадена во преку 5 милијарди примероци. Библијата е збирка на 66 свети книги напишани од над 40 писатели. Првата книга „Битие“ („Прва книга Мојсеева“) ја напишал Мојсеј приближно 1445 – 1405 год. пр. н. е., а последната „Откровение“ ја напишал апостол Јован во 94-96 год. н.е. Таа ги содржи приказните, доктрините, кодовите и традициите што ги водат христијаните врз основа на еврејската традиција (Стариот Завет) и објавувањето на Евангелието (Нов Завет).
Светиот Куран (А II 27016, M II 8815 хрв. јазик)
Се верува дека зборовите во Куранот се директно од Богот Алах. Тоа е книга која содржи религиозни текстови и ги учи муслиманите како да го живеат нивниот живот. Куранот содржи 114 поглавја кои беа доставени во текот на 23 години од Пророкот Мухамед. Тоа е најчитаната книга во светот од исламската верска заедница. Куранот ги воспитува муслиманите да бидат праведни и да се однесуваат добро. Тие треба да научат делови од Куранот кои треба да ги цитираат за да живеат убав живот. Таа исто така е најцитирана книга на сите времиња.
Хари Потер – Џ. К. Роулинг (ДО 8-31 РОУЛИНГ Џ. К. Хари)
Серијалот Хари Потер е продаден во преку 500 милиони примероци. Овие книги се исто така на врвот на листата за научно-фантастичен роман на светот. Многу издавачки куќи не се надеваа на толкав обем на продажба на овој роман кој изобилува со вештерска и волшебничка содржина. Но тие погрешија, а серијалот Хари Потер не само што се продаде во милиони примероци, туку стана и еден од најпопуларните филмски серијали на сите времиња.
Цитати на претседателот Мао Це Тунг(М II 9423)
„Цитати на претседателот Мао Це Тунг“ е збирка на изјави на поранешниот претседател на Комунистичката партија на Народна Република Кина. Оваа книга може да изненади многумина. Продадена е во над 820 милиони копии во последните пет децении. Позната и како „Мала црвена книга“, толку е популарна што за време на Културната револуција во Кина зборовите од книгата биле насликани на кинеските селски ѕидови и сеуште стојат таму. Тоа е книга која пробудува носталгија кај многу кинези.
Приказната за двата града – Чарлс Дикенс (М II 36136/1, М II 36136/2)
„Приказната за двата града“ е несомнено најдобриот историски роман на Дикенс, објавен во 1859 година и продаден во над 200 милиони копии. Врз основа на неговите сопствени видувања и проучувања за време на неговите бројни посети на Париз и базирајќи се на делото на Томас Карлајл – „Француска револуција“, Дикенс создава величествено дело. Тоа се однесува на градовите Лондон и Париз, а во неа тој го прикажува животот на обичните луѓето вклучени во катаклизмата на Француската револуција и нејзините ужаси. „Приказната за двата града“ станува најпопуларно и најчесто цитирано прикажување на Француската револуција, кое ја предупредува високата британска класа да не ја повторат грешката на француските аристократи и никогаш да не дозволат да се повторат такви крвави и трагични настани.
Господарот на прстените – Џон Роналд Руел Толкин (М II 28618/1, М II 28618/2, М II 28790/3)
Романот „Господарот на прстените“ претставува трилогија чии делови носат наслов: „Дружината на прстенот“, „Двете кули“ и „Враќањето на кралот“, издадени во периодот 1944-1945 година.Патувањето на Фродо Багинс е прочитано од толку многу луѓе што во последните 50 години е продадено во над 103 милиони копии од трите дела. Трите книги заедно содржат над половина милион зборови. Без сомнение голем дел од продажбата е остварен после емитувањето на филмот снимен според книгата.
Алхемичарот – Пауло Коелјо (М II 26673)
„Алхемичарот“ е роман на бразилскиот автор Пауло Коелјо кој за првпат е објавен во 1988 година. Од тогаш станува интернационален бестселер со продадени над 65 милиони копии. Ремек-делото ни ја прикажува магичната приказна на Сантијаго, андалузиско овчарско момче кое копнее и бара невидено и екстравагантно свето богатство. Воден од еден алхемичар низ пустината тој ќе научи како да го слуша своето срцето, да ги чита знаците на судбината и да го следи својот сон. На тој пат ќе дознае дека не е потребно да ја помине пустината за да ја пронајди сопствената оаза. „Алхемичарот“ е филозофска приказна која е едноставна, проткаена со мудрости и лекции за животот и ќе ве научи дека „кога ќе посакаш нешто, целата Вселена ќе скова заговор за да ја оствариш таа желба“.
Дневникот на Ана Франк – Ана Франк (ДО 8-94ФРАНК А. Дневникот)
„Дневникот на Ана Франк“ е една од највлијателните, едукативни и популарни книги на XX век. Секоја година милиони деца ја читаат книгата на училиште, додека милиони возрасни ја читаат заради задоволство. Од 1947 година оваа книга направи големо влијание на светската цивилизација. Во 1940 година кога Германија ја нападна Холандија, Ана Франк со нејзиното семејство биле скриени во магацин. Таа направи запис од нејзините видувања на војната и раскажува за секојдневните случки додека биле скриени. Нејзиното семејство било приведено во 1944 година, а Ана Франк почина од тифус во концентрациониот логор Берген–Белзен наредната година, на 15-годишна возраст. Оваа книга е само парче историја и само еден поглед на најлошото време во таа историја. Исто така ја прикажува надежта на едно мало девојче во време кога светот околу неа се распаѓа.
Самрак – Стефани Мајер (М II 32184)
„Самрак“ е првиот дел од фантастичниот истоимен серијал во кој се одвива љубовна приказна помеѓу вампир и обична девојка. Овој серијал не само што продира во секојдневниот стереотип на забранета љубов помеѓу луѓето и демоните, туку и раскажува за семејството и емоциите. Главната улога ја игра девојката Бела која е растргната во љубовта помеѓу врколак и вампир. Оваа книга е проследена со книгите: „Млада месечина“, „Помрачување“ и „Зазорување“. Серијалот „Самрак“ е продаден во 120 милиони копии по кој снимени се низа филмови. Основната тема на книгите и филмовите е дека во љубовта нема бариери.
Кодот на Да Винчи – Ден Браун (М II 29518)
Издадена во 2003 година „Кодот на Да Винчи“ станува една од мега-популарните книги на Ден Браун со продадени над 80 милиони примероци. Тоа е мистериозен трилер преку кој алтернативно се истражува историјата на религијата, каде заплетот се одвива околу потеклото на меровиншките кралеви на Франција како потенцијални наследници на крвната лоза на Исус Христос. Инспириран од „Тепларското Откровение“ на Клајв Принц и Лин Пикнет и од книгите на Маргарет Старбрд, делото на Браун предизвика многу шпекулации во врска со Светиот грал и улогата на Марија Магдалена во христијанството. Романот е неверојатен психолошки трилер оставајќи ги читателите без здив сè додека не го откријат и последниот детаљ.
Одвеано од виорот – Маргарет Мичел (М II 42158)
Продадена во над 30 милиони копии „Одвеано од виорот“ е историска романса која се одвива за време на Американската граѓанска војна и е раскажана од гледна точка на робовладетели на плантажата од американскиот Југ. Преку судбината на двата главни лика, своеглавата и неодолива Скарлет О’Хара и шармантниот Рет Батлер, создадена е безвременска приказна за опстанокот во најтешки услови на најпознатите љубовници на сите времиња. Во 1940 година е снимена истоимена филмска верзија која станува еден од најпопуларните филмови. Многу читатели веруваат дека „Одвеано од виорот“ е еден од најдобрите романи на сите времиња, иако е иронично што тоа е единствена книга на Маргарет Мичел.
Мисли и збогати се – Наполеон Хил (М II 36102)
„Мисли и збогати се“ за првпат беше издадена во 1937 година. Сега со продадени преку 100 милиони копии тоа дело сеуште живее. Книгата се однесува на успесите и падовите во животот и како да се справите со нив. Таа ве учи како да се извлечете и од најниските падови во животот. Хил ни тврди дека бил инспириран од познатиот бизнисмен Андреј Карнеги. Некои читатели тврдат дека тоа е најдобрата книга која може да ве извлечи од депресија. Таа ќе ви помогни да ја видите позитивната страна на работите во животот, ќе ви помогне да се осознаете кои сте длабоко во себе и ќе ве оттргне од негативната страна на животот. Од насловот на книгата ќе помислите дека станува збор само за финансиски примања, но книгата е многу повеќе за филозофијата и инспирацијата во животот.
На редок воздух: Како ја преживеав катастрофата на Монт Еверест – Џон Кракоер(М II 38356)
Џон Кракоер беше единствениот преживеан на планинарската несреќа на Монт Еверест која настана после земјотресот во 1996 година. Кракоер ја раскажува приказната пред и после природната катастрофа. Тој беше еден од осумте планинари кој успеа да се искачи на планината. Останатите ги загубија нивните животи, но Кракоер успеа да се врати назад за да ни го пренеси неговото искуство – да не се откажуваме и од најголемите препреки во животот. Споделувајќи ја неговата приказна од планината тој охрабрува многумина и ни докажува дека без оглед на сè, животот сепак продолжува.
Заклучок
Добрата книга ќе го промени вашиот живот. Во одредени моменти можете да се смеете или да плачете. Книгата може да ве води во вашиот животот, како да донесете нови одлуки. Може да ви го прикажи светот во едно поинакво светло. Овие книги кои се најчитани во светот се само мало место од кое можете да го почнете своето патување низ светот на книгата.