Иако зимата е прилично ладна, секогаш е погодна за топли разговори. По тој повод НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола на кафе и книга овој пат ја покани професорката по македонски јазик и литература Милица Димитријовска – Радевска. Прекрасна личност, која зрачи топлина со секој нејзин збор. Жена, мајка, професорка, поетеса и несомнено литературен критичар која со својот стил на пишување остава белег во македонската книжевност.Разговорот го започнавме како и секогаш со прашањето за тоа кои се двигателите кои ја воведоа во водите на пишаниот збор. „Основното образование го започнав во ОУ „Ѓорги Сугарев“. За моја среќа во тоа време таму работеа прекрасни наставници, како Милица и Митре Петковски, Ружа Клекачковска кои во секое време нѐ мотивираа и инспирираа да го пронајдеме својот пат во животот. Потоа како средношколка во Гимназијата „Јосип Броз -Тито“ под влијание на професорката по македонски јазик и литература Анушка Костурска, ја пронаоѓав оската на зборот, концизноста на изразот, блажеконескиот дух на песната.“ни рече Милица. Исто така во тој контекст додаде за работата врз зборникот „40 години поезија“ во кој се објавени творби на поети кои учеле и биле дел од работата на литературната секција во гимназијата.
Зборувајќи ни за овие наставници, таа ни го истакна значењето на наставникот како педагог, мотиватор, од времето кога таа била ученик, па сѐ до денес кога и таа самата како професор се обидува да ја разгори таа духовна искра во своите ученици. Од тие средношколски денови се потсети и за нејзиното учеството на средбата на младите поети од тогашна Југославија во Кикинда.Од периодот на студентските денови зборуваше за публикувањето на првата книга „Обидници“ во рамките на конкурсот на Книжевна младина за најдобра поетска книга на млад автор, како и за нејзината соработка со Македонското радио. Извесен период работи и како соработник во весникот „Република“, за потоа да заплива во водите на образованието каде работи и денес како професор по македонски јазик и литература во СОУ„Таки Даскало“-Битола. Сега таа ја има улогата да биде мотиватор за многу деца, кои го сакаат пишаниот збор. Особено ја истакна соработката со својата колешка Весна Мундишевска-Велјановска, со која работат на многу заеднички проекти не само во врска со учениците и наставата туку и пред сѐ во освојувањето на духовниот мегдан-светот на поетската реч, односно таков пример е и заедничкиот проект, стихозбирката „Поетски дијалог“.
Таа е автор и на книгите „Воздишки на ветрот“, „Сам во пределите на сонот“, „Лузни на зборот“, „Лечебница“. Но таа исто така е критичар, и во таа смисла има напишано и објавено критички осврти за многу македонски современи писатели. Исто така зборуваше за нејзиниот интерес за лексикологијата и фолклористиката, како и за нејзината соработка со писателот Радован П. Цветковски, на неговиот Речник на демирхисарскиот говор и Сказанијата демирхисарски.Кога ја запрашавме што сака повеќе да пишува критики или да пишува поезија, таа ни одговори:„ Сѐ си има свое место и своја мерка, но за да се биде критичар треба да се имаат пошироки теоретски познавања, да се следи постојано литературата и литературните процеси, да го разгатнете тајнописот на секој автор, најпрвин да го запознаете како човек, за потоа да го барате клучот и клучалката на зборот.“Нејзиниот стил е посебен, таа користи многу архаични зборови, зборови кои се поретко ги слушаме.„Чуму ти се челенки!?!-НамнисувамТе џбарам во окотоА ти чурук, каскатијаЧаскум се чпиртосаТи секна чекулецотСеѓере чепорошкиЧинам со раатот.“Таа е член на Друштвото на писатели на Македонија, односно во овој мандат и член на Претседателството на ДПМ, како и претседателка на клубот „Даница Ручигај“.
Нејзината соработка со НУУБ „Св.Климент Охридски“ е несомнена, постојано е присутна со свои трудови, критики, настапи на важни културни настани, промоции, одбележувања на личности и јубилеи.За крај ја замоливме да им се обрати на нашите читатели:„Многу често поставувано прашање за учениците е дали читаат. Но, мислам дека ние треба најпрвин да одговориме на прашањето какви услови создаваме за читање и колку и како ги мотивираме учениците да читаат. Во тој однос особено е значајна врската помеѓу писателот, библиотеката и читателот и важноста што ја има библиотеката во остварувањето на таа врска, но и присуството на писателот во училиштата пред најмладите читатели. Љубовта кон зборот треба да се негува од најрана возраст. Во една прилика на покана од учителките од една битолска градинка имав можност да зборувам за значењето на мајчиниот јазик и на децата да им подарам книги од писатели од Битолскиот книжевен круг. И децата и воспитувачките беа пресреќни. Тоа треба да го правиме почесто. Создавајќи духовно богати личности, градиме бесценети вредности.“
Координатор на проектот : м-р Гордана Ѓоргиевска-Неделковски