Јубилеј – 20 години Роднокрајни средби на битолските писатели и 20-ти по ред Зборник од тркалезната маса

На 30 октомври Националната установа-Универзитетска библиотека прослави уште еден јубилеј, 20. Роднокрајна средба на битолските писатели од Македонија и издавањето на 20. Зборник од тркалезната маса на битолските писатели на Македонија.

Јубилејната 20.роднокрајна средба ја отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова која пред присутните направи еден краток осврт на тоа што значи две децениски континуитет на роднокрајните средби, од почетоците до денес:

„Ми претставува особена чест и задоволство што ја отворам оваа јубилејна 20 Роднокрајна средба на писатели, преку која со особена почит се навраќаме и на почетоците на овој проект, којшто одбележува едно значајно поглавје во историјата на нашата институција. Овој проект, како идеја, потекнува од 2001 година, кога што беше опремена роднокрајната сала со тркалезната маса за дискусии и споделување на творби од роднокрајните писатели, а самата средба како проект, во присуство на звучните имиња Анте Поповски, Петре М. Андреевски и други се реализира за прв пат во 2005тата година.

Битолскиот книжевен круг отсекогаш бил порта кон светот – преку културен дијалог и книжевна отвореност. Затоа, Библиотеката ја презеде таа улога со достоинство – да биде чувар и посредник меѓу генерациите, меѓу авторите и меѓу културите. Нека оваа средба биде потсетник дека секој автор е роднокраен, а секој творец е глас на своето место и време и само преку тие корени може да се создадат крилја кои ќе допрат до универзалното.

Нека оваа „тркалезна маса“ нашата роднокрајна средба и понатаму биде симбол на заедништво, дијалог и создавање, исто како што беше замислена и пред дваесет години.“

Координаторката на овие средби м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски во оваа прилика го промовираше и јубилејниот зборникот , 20-ти по ред. Во овој зборник застапени се 20 роднокрајни писатели, 12 роднокрајни писатели членови на Друштвото на писатели и 8 роднокрајни писатели од Битола, кои во овој зборник оставија парче од своите спомени запишани за идните генерации.

На вечерашната средба учество зедоа роднокрајните писатели: проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска, Петре Димовски, Милица Димитријовска-Радевска, Биљана Котевска-Димко, Весна Мундишевска-Велјановска, Добре Тодоровски, Сања Мучкајева- Видановска, Илче Стојановски, Игор Трајковски – Фоја, Светлана Папачек, Лили Бошевска, Никола Ристевски, Аница Б. Златевска, Божин М. Андреевски, Марија Трифуновска Тасеска, Митра Дупчиновска, Дана Тембелеска кои пред присутните гости се претставија со свои дела.

Во зборникот се опфатени и роднокрајните писатели кои од оправдани причини не беа дел од оваа средба: Ели Маказлиева, Христо Петрески, Мирјана Стојановска, Зоран Пејковски, Љубе Митрејчевски и Елизабета Јончиќ.

Оваа прилика Библиотеката ја искористи да и оддаде признание на роднокрајната писателка Весна Мундишевска Велјановска за исклучителен придонес и несебична соработка во зачувување на пишаниот збор од роднокрајните писатели (Факсимилите).

Овој настан беше збогатен со изведба на учениците од Основното музичко училиште: Теона Димеска и Јован Тошески.

А за самиот крај присутните можеа да слушнат творби и од две млади писателки и студентки на Педагошкиот факултет од Битола на насоката македонски јазик и книжевност Марија Стојановска и Ивона Дaноска.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook