Во топла и весела празнична атмосфера се одржа креативна работилница за најмладите, со првачињата од ООУ „Ѓорги Сугарев“ -Битола, кои со нивната наставничка Сунчица Бендевска денес ја посетија нашата Библиотека. Во духот на претстојните празници, библиотекарката им прочита една прекрасна сликовница за загубената капа на Дедо Мраз. Приказната ги внесе децата во светот на фантазијата, ги поттикна на внимателно слушање и разговор за добрината, пријателството и празничната магија што ја носи Новата година.

По читањето, следуваше креативниот дел од работилницата, децата со голем ентузијазам изработија новогодишни капи. Со хартија, бои, лепак и забавни очиња, тие создадоа уникатни новогодишни капи, а целиот процес беше проткаен со многу труд, смеа и имагинација. Работилницата беше исполнета со радост, тимска работа и слободно изразување на детската креативност.

За крај на ова убаво дружење, директорката м-р Емилија Стефановска- Давкова им подари голем број на детски книги за нивната училишна библиотека, а и секое дете доби книга како мал новогодишен подарок, со што уште еднаш се истакна важноста на читањето и љубовта кон книгите од најрана возраст. Настанот заврши со насмевки, празнично расположение и желба за нови средби и нови приказни во библиотеката.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook