На 3 септември 2024 година, во Дневната соба на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа промоција на книги на тема хортикултура, во рамките на настанот „Цветната приказна“. Присутните имаа можност да се запознаат со авторот Драган Р. Сајиќ од Србија, кој преку своите книги и долгогодишно искуство во хортикултурата, ја истакна важноста на зеленилото и убавината на растенијата.

Во текот на настанот, Сајиќ ја претстави својата прва книга „Цветен поздрав“, каде на практичен начин го објаснува светот на цвеќињата и дава совети за нивното одгледување. Тој исто така ја промовираше и својата втора книга „Мојот двор“, која нуди идеи како да се живее во хармонија со природата и растенијата во околината.

Сајиќ користеше директен и пријателски стил на комуникација, што остави впечаток кај присутните дека разговорот се одвива во сенката на омиленото дрво. Настанот беше посетен од љубители на природата и цвеќињата, кои со голем интерес ги слушаа советите и искуствата на авторот.

Присутните имаа можност да поставуваат прашања и да разменуваат идеи за одгледување на украсни растенија, што придонесе за живо и пријатно дружење. Промоцијата е дел од пошироките активности за развој на мрежа на хортикултурни библиотеки во земјата, кои имаат за цел да го поттикнат интересот за хортикултурата и зеленилото, како и да придонесат за поубава и зелена Битола.

Повеќе фотографии од промоцијата на следниот линк: NUUB Facebook