На ден 19.04.2022 год. во просториите на Библиотеката се одржа Регионалната средба на хортикултурни библиотеки во организација на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Библиотеките од Северна Македонија, Р.Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Хрватска и за прв пат од Црна Гора, денеска и утре ќе имаат прилика да разменат искуства, како и да осмислат понатамошни активности кои ќе ги унапредат програмите на библиотеките и ќе овозможат ширење на хортикултурната библиотечна мрежа.
Националната установа Универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ – Битола од 2017 година активно учествува во промоцијата на хортикултурни библиотеки и со задоволство ја прифати поканата на иницијаторот Мирко С. Марковиќ, библиотекар советник и управител на регионалната мрежа, за организација на Регионалниот собир на хортикултурни библиотеки.
Битола е град во непосредна близина на Националниот парк Пелистер, така што има голем потенцијал за развој на нови хортикултурни содржини во библиотечната дејност. Библиотеките во нашата држава со својата местоположба можат да го развиваат овој нов библиотечен концепт и да им ги понудат новите содржини на своите корисници.