На ден 11.9.2026 година во ООУ „Даме Груев“ – Битола, реализиравме интересна и едукативна активност со учениците од прво одделение, посветена на книгите, читањето и омилените ликови од детските приказни.
Заедно ја читавме книгата „Крилче“ од авторките Клаудија Лагерман и Ханке Сименсма, разговаравме за нејзините ликови и пораката што ја носи, а преку забавната игра „Погоди го јунакот“, учениците со голема радост препознаваа познати книжевни јунаци. Децата покажаа знаење, љубопитност и голема желба за учество. Во оваа игра немаше победници и поразени – сите ја заслужија титулата „Одличен познавач на приказните“.
Со учениците разговаравме и за ваучерите за бесплатно зачленување во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, кои неодамна им беа поделени во рамките на настанот „Училишна приказна“.
Децата треба да се дружат со сликовниците и да им се чита уште пред да се описменат. Преку слушањето приказни тие го збогатуваат својот речник, ја развиваат фантазијата, учат внимателно да слушаат и постепено создаваат љубов кон книгата. Не треба да чекаме детето да научи да чита за да го донесеме во библиотека.
Затоа, ги повикуваме родителите да го искористат ваучерот во најскоро време и заедно со своето дете да ја посетат библиотеката. Токму сега е вистинското време детето да ја избере својата прва книга и да го започне своето читателско патување.
Упатуваме искрена благодарност до учителките Весна Беровска и Снежана Чукалева, како и до директорката Биљана Дамчевска-Бакиевска, за срдечниот прием, поддршката и соработката во создавањето читателски навики кај најмладите.
Искористете го ваучерот – секоја голема читателска приказна започнува со една мала книга!
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook