На 19.02.2026 година, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола заедно со писателката Марија Трифуновска Тасеска ја одржавме креативната работилница „Создаваме нови светови“ во ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола.
Во топла и радосна атмосфера, учениците од I одделение со игра, смеа и безгранична фантазија создадоа свои волшебни приказни – со една важна мисија: да го спасат светот на приказните во кој токму тие беа главните ликови.
Низ насмевки и искрени детски идеи, откриваа што ѝ е потребно на една добра приказна – храброст, добрина, пријателство и порака што допира до срцето. А најсилната порака што ја испратија беше едноставна и моќна: да си помагаме, да се почитуваме и да бидеме добри луѓе – затоа што така светот станува поубаво место за сите нас.
Секое дете ја заврши својата приказна и внимателно ја стави во „волшебната кутија“ – преку кој приказните патуваат во својот магичен свет. Со блесок во очите, ветија дека никогаш нема да престанат да измислуваат нови приказни, затоа што само така волшебниот свет може да живее вечно.
Како симболична чест и признание, учениците добија подарок и официјално беа прогласени за Чувари на приказните – мала титула со големо значење.
Приказните се тие што го прават нашиот свет волшебен и исполнет со надеж. Затоа наша заедничка задача е да ги создаваме, негуваме и пренесуваме – особено кај најмладите. Кога љубовта кон книжевноста се буди уште од најрана возраст, таа расте заедно со детето и станува светлина што го води низ животот.
Искрена благодарност до директорката Гордана Јоначиќ и наставничката Весна Гагаловска за отвореноста, поддршката и вербата дека секое дете носи во себе еден мал, но моќен свет на приказни.
Искрена и срдечна благодарност до писателката Марија Трифуновска Тасеска за нејзината посветеност, топлина и инспирација. Со својата енергија и љубов кон книжевноста, таа им помогна на децата да поверуваат дека секој од нив може да биде творец на светови и носител на убави пораки.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook