Во Офицерскиот дом во Битола, со свечена академија и доделување на признанија, беше одбележан значајниот јубилеј – 80 години од постоењето на Националата установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

На настанот присуствуваа претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола проф. д-р Игор Неделковски, Пратениците Олга Лозановски, Силвана Ангелевска и Пеце Милевски, заменик министерот за економија – Николче Јанкуловски, како и градоначалници, советници, директори на јавни претпријатија и културни институции, претставници на културни институции и други угледни гости.

Претседателката Сиљановска-Давкова во своето обраќање ја истакна улогата на библиотеките како „тврдини на знаењето“ и нивната непроценлива вредност во зачувувањето на културниот и националниот идентитет. Таа ги охрабри присутните да продолжат со мисијата на ширење на знаењето и негување на љубовта кон книгата, особено кај младите генерации.

Директорката на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова, во своето обраќање истакна дека осумте децении постоење на библиотеката претставуваат значаен јубилеј. Таа ја нагласи улогата на библиотеката како чувар на знаењето, културата, македонскиот јазик и литература, од нејзиното основање во 1945 година со 300 книги до модерна установа со богат книжен и дигитален фонд. Стефановска-Давкова изрази благодарност до сите вработени, читатели и соработници, истакнувајќи дека библиотеката ќе продолжи да се развива и да биде уште подостапна за заедницата преку идни проекти.

Ректорот проф. д-р Игор Неделковски потенцираше дека библиотеките отсекогаш биле клучен сегмент на секој универзитет, служејќи како двигатели на науката, истражувањето и образованието.

Во рамки на свечената академија беше промовирана монографијата „НУУБ Св. Климент Охридски – Битола, историја и развој 1945 – 2025“, промотор беше проф. д-р Елка Јачева-Улчар. Проф. д-р Елка Јачева-Улчар, истакнат филолог и научен истражувач во областа на македонскиот јазик и писменост, ја претстави монографијата, нагласувајќи ја нејзината значајна историска и културолошка вредност.

Доц. д-р Анита Ангелевска одржа слово за Свети Климент Охридски. Доцент д-р Анита Ангелевска во своето слово истакна дека говор за Свети Климент Охридски може да биде оправдан само ако е изнесен со љубов и почит кон неговото дело. Таа нагласи дека Климент бил втемелувач на старомакедонската и словенската литература, чиј книжевен придонес се проширил низ целиот христијански православен свет. Ангелевска ја пренесе и пораката од сестринството на Слепченскиот манастир, нагласувајќи ја улогата на Свети Климент како чувар и преносител на духовната Кирилометодиевска мисла.

Следеше поетски рецитал „Создаделот на мирот, заштитник на куќата на зборот“рециталот го подготви Николина Поповска. Учестуваа Николина Поповска, Марија Младеновска Димитровска, Марија Наумовска и Маријан Тасевски.

Музичка придружба Владко Симоновски и машки хор „Св. Нектариј Битолски“ и настап на учениците од музичкото училиште.

Во Офицерскиот дом беа изложени и четири калиграфии со новосоздадени тропари на светители – творештво на сестринството на Слепченскиот манастир. Свеченоста заврши со доделување на златни плакети и благодарници на заслужни поединци и институции.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook