Во чест на книгата. Во чест на авторот. Во чест на македонскиот јазик.
Денес, со посебна возбуда и почит, во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, го одбележавме Светскиот ден на книгата и авторските права – ден посветен на славењето на пишаниот збор, креативноста и културното наследство што се пренесува преку книгите.
По повод овој значаен ден беа прочитани две инспиративни пораки:
- Македонската порака за 2025 година, подготвена од проф. д-р Славица Велева, беше фокусирана на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот литературен јазик – историски момент што му даде институционален живот на нашиот мајчин јазик и го утврди како столб на културниот и националниот идентитет.
„Го славиме зборот, но и правото на збор. Го славиме авторот, но и правото на свој јазик преку кој авторот може да создава, да зборува, да сонува.“
Директорката на библиотеката, м-р Емилија Стефановска Давкова, потсети дека улогата на библиотеките денес е поважна од кога било – да го штитат и промовираат знаењето, да поттикнуваат дијалог и да го негуваат јазикот како живо културно наследство.
Пораката од УНЕСКО, напишана од Генералниот директор Одри Азуле и прочитана од проф. Сара Груеска, ја нагласи 30-годишнината од Светскиот ден на книгата и посветеноста на организацијата за унапредување на писменоста, читањето и заштитата на авторските права на глобално ниво.
„Светот не може да напредува без книги. Ред по ред, страница по страница, тие ги хранат нашите мисли и ја поттикнуваат креативноста што ни е потребна за да се справиме со сложените предизвици на човештвото.“
На овој ден, да се потсетиме дека книгата е прозорец кон светот, а читањето – патување без граници. Да ги охрабриме младите да читаат, авторите да пишуваат, а институциите – да создаваат услови за трајна заштита и вреднување на авторскиот труд.
Традиционално, прославата ја заокруживме со симболичен гест – подаривме цвеќиња, донација од Green Garden Centar @ Rasadnik, на нашите најдраги посетители.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook