НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола како дел од своите програми, насочени кон заедницата Ве повикува да се придружите на Кампањата – Да читаме на глас организирана по повод Европската година на гласно читање, прогласена од Европската организација за унапредување на читањето EU READ, нагласувајќи ја важноста на гласно читање во развојот на навиките и вештините за читање кај децата.

По тој повод денеска на ден 02.02.2024 реализиравме активност во ООУ „Коле Канински” – Битола, со учениците од петто одделение со цел да се потенција важноста од читање на глас на книги, сликовници, песни, романи и било каква литература.

Активноста ја реализиравме креативно со тоа што секој ученик пиеше топло чоколадо или чај и гласно читаше по десет реченици; читаа гласно басни и при тоа разговаравме за особините на животните; весници или портали со интересни содржини, а потоа ги прераскажуваа; рецепти со нивните омилени јадења и ги читаа гласно; пишуваа состав од неколку реченици на тема „ Што сонуваат дрвјата во зима“; опишуваа зимски ден при тоа користејќи ги своите пет сетила:(што виде, што слушна, што почувствува…); пишуваа и гласно читаа писмо до своето идно јас и читаа строфи од омилени македонски поети.

Преку овие активности на гласно читање заклучивме дека овој метод е клучен за развојот на навиките за читање и подоцнежниот успех во училиштето и воопшто за успехот во стекнувањето знаења и вештини и има многу позитивни страни:

-Читањето ја развива детската љубопитност, фантазија и креативност

-Читањето го проширува фондот на зборови кај детето

-Читањето ја зголемува блискоста помеѓу родителот и детето

-Читањето помага во емотивно-социјалниот развој кај детето

-Читањето им овозможува на децата да се запознаат со литературниот јазик.

Драги читатели, ученици, родители практикувајте 15 минути да им читате гласно на децата и најдете време да ги сослушате децата да Ви читаат Вас гласно. Само така се учи течно да се чита и секој може текстот да го доживее низ милозвучноста на гласното читање.

Со оваа активност, ја најавуваме кампањата на библиотеката за читањето на глас.

Голема благодарност до наставничката Биљана Чурлевска Маневска и до директорката Дијана Христовска.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook