Скоро и да не постои област од човековото образование или користење на слободното време, каде библиотеките не претставуваат влијателен чинител. Валоризација на библиотечното работење на една библиотека е токму во осмислувањето на актуелни програми за нејзините корисници без оглед на возраста.
Библиотекарите мора да бидат спремни за предизвиците на новото време и токму искуствата од оние кои работат на тие програми се значајни за дисеминација на знаења и добри библиотечни практики.
Информациската писменост е задолжителен образовен предизвик за сите чинители на општеството кои се дел од образованието и културата на населението.
Во тоа светло се и предавањата и работилниците организирани од стручното лице Александар Костевски кој повеќе години работи во ИТ секторот, во соработка со Здружението на пензионери од Битола.
Во просториите на Библиотеката вчера се одржа предавање на теми од областа на информациската писменост како што се: интернет и пребарување на информации, социјални мрежи, користење на електронска пошта, креирање на налози за електронско плаќање на сметки, користење e-banking и др.
Присутните ја имаа можноста за поставување на прашања , и како стекнатото знаење да го применат директно креирајќи ги своите налози за интернет плаќања во просторот на Дневната соба на градот.
Дел од практичниот дел беше и запознавање на учесниците со можности за квалитетно користење на слободното време во Дневната соба на градот и зачленување во библиотеката преку дружење со библиотекарот Никола Марковски кој воедно ја претстави функцијата на овој мултифункционален простор.
Циклусот на предавањата и работилниците е осмислен од програмскиот раководител м-р Јелена Петровска и библиотекар Ирена Колевска.
Очекуваме дека овие програми ќе имаат голема придобивка за заедницата како на локално ниво во рамките на општествената одговорност така и како новина во библиотечното работење и развој на иновативни библиотечни програми.

6.11.2024 Битола

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook