Како дел од постапките за дисеминација на проектот „Регионална смотра на хортикултурни библиотеки“ учесниците на оваа средба од повеќе држави, Србија, Хрватска, Босна, Албанија и Црна Гора заедно со координаторот на проектот м-р Јелена Петровска ја посетија НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, каде беше организирана средба со вработените.
Охридските колеги имаа прилика да се запознаат со различни искуства од библиотечната работа со хортикултурните содржини во регионот. Мирко С. Марковиќ, кој е идеен творец на хортикултурната мрежа, присутните ги поттикна за осмислување на иновативните програми во локалната средина. Јасмина Иванковиќ, директор на Библиотека „Димитрие Туцовиќ“ од Лазаревац (Р.Србија) ги запозна присутните со најавената соработка на РЕК Битола и РБ Колубара од Србија поврзана со рекултивација на земјиштето. Нена Ѓениќ од Златиборската библиотека (Р.Србија) зборуваше за креативни поттикнувачки програми за анимација на корисниците, додека колегите Ива Грковиќ од Винковци, (Хрватска) Негосава Нега Степановиќ (БИХ) и Јелена Ѓоновиќ од Херцег Нови (Црна Гора) споделија импресивни искуство во работата со хортикултурни библиотечни програми во своите средини. На покана од Битолската библиотека, директорката Јорида Дхемби од библиотеката „Тими Митко“ од Корча ја претстави својата библиотека и можностите за соработка во областа на научните истражувања од ботаниката во Албанија.
Заклучок од средбата е дека вмрежувањето на библиотеките со хортикултурен предзнак е само почетен чекор во понатамошната соработка во широкото поле на библиотечната дејност.