На 4 март 2026 г. во графичкиот кабинет на СОУ „Таки Даскало“ – Битола, се одржа работилница за заштита на книжен фонд. Ова беше последната од серијата работилници кои ги реализираа НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и СОУ „Таки Даскало“ – Битола во рамки на втората фаза од заедничкиот проект „Книговрзувачка доработка“. Во серијата работилници кои се реализираа од ноември 2025 г. до март 2026 г., учествуваа ученици од втора, трета и четврта година графичка струка под менторство на Јулијана Христовска-Кулевска, помошник библиотекар, и професорките Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова, Валентина Ристеска и Катерина Спасовска-Маурдева. Последната работилница беше посветена на зачувување на книги од училишната библиотека и нивна реставрација.
При приемот на книгите беа забележани следниве оштетувања: искинати и лабави страници, корици со значителни механички оштетувања и изгубени делови, пожолтена и кршлива хартија поради киселинска деградација, присуство на дамки од влага и траги од мувла. Согласно потребите беа преземени реставраторски активности за чистење и отстранување на прашина, зајакнување на кршливите делови со хартија и лепила, пополнување на недостасувачки делови со хартија со слична текстура и боја, реставрација на оригиналната корица каде што беше можно, изработка на нови заштитни елементи, повторно шиење на блокот со конец или жица (кламер), зајакнување на ‘рбетот, обрежување и сл.
Во текот на 5 месеци беа реставрирани стотици книги од библиотечниот фонд на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и СОУ „Таки Даскало“ – Битола, кои може да се користат без ризик од дополнителни оштетувања. Притоа максимално беше зачуван оригиналниот изглед, а беа преземени и превентивни мерки за понатамошна заштита.
Во тек се истражувачки активности од проектот „Книговрзувалка доработка“ и работилници за изработка на производи од областа книговрзување.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook