Професионализација на библиотечниот кадар е услов за извршување на квалитетни библиотечни задачи, но и стекнување со работни компетенции за креирање на нови и креативни библиотечни програми.
За таа цел оваа година претставник на НУУБ „Св. Климент Охридски“ библиотекар советник и Програмски раководител м-р Јелена Петровска презентираше стручен труд на тема „Доживотно учење како „modus vivendi“ на корисниците на библиотеката, за важноста на доживотно учење и образование, особено за повозрасна популација како начин на животот.
На Конференцијата беа презентирани најнови трендови во библиотечното работење со учество на повеќе библиотекари од различни држави, а трудовите ќе бидат печатени во Зборникот. Посебен акцент беше ставен на развојот и спецификите на завичајните (роднокрајни) фондови и нивното поврзување со културниот туризам. За таа цел беше организиран и Панел со учество на повеќе земји каде што беа презентирани искуства од библиотекарите од регионот во врска со културниот туризам, промовирање на читање, користење на роднокрајна библиотечна граѓа и можности за соработка.
На покана од Претседателката Јасмина Бајо од Здружението на библиотекари на Р. Црна Гора м-р Јелена Петровска ги претстави најновите програми на нашата институција и предлог проектот за поголема видливост на содржините од роднокрајниот фонд на библиотеката.
Панел дискусијата е организирана под покровителство на Националната библиотека „Ѓурѓе Црнојевиќ“ – Цетиње и Министерството за култура на Р. Црна Гора.

Цетиње, Р. Црна Гора 25-26 мај 2023.

Подготвил:
М-р Јелена Петровска, библиотекар советник и програмски раководител

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook

Објавено од: Слободан Пачовски
6 Jun, 2023