Проектот „Меѓународна соработка на НУУБ „Св.Климент Охридски“ – Битола со македонската библиотека во Трелеборг – Шведска“ се реализираше од 30 мај до 4 јуни 2024 година.
Посетата беше на иницијатива на нашата почитувана наставничка и библиотекарка Елизабета Дамева, претседателот на македонското друштво „Пелистер“ Марјан Бошевски и Александар Дамев – член на управниот одбор од Трелеборг, Шведска. Тие пред една година ја претставија идејата на заеднички состанок со директорот на битолската библиотека, м-р Бојан Стефановски и раководителката на секторот за развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста на библиотеката, м-р Фатма Бајрам Аземовска. Иницијативата беше реализирана благодарение на Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Целта на посетата беше организирање на активности кои имаат за цел зачувување на македонскиот јазик кај нашите сограѓани кои моментално живеат и работат во Шведска, збогатување на книжевниот фонд на македонската библиотека во Трелеборг, која моментално располага со мал фонд на книги кои се со застарена тематика, соработка со македонското здружение „Пелистер“ од Трелеборт кое постои 53 години и остварување работни посети на библиотеките во градовите Трелеборг, Малме и Лунд во Шведска, како и Копенхаген во Данска, кадешто живеат голем број иселеници од Македонија.
Активноста беше реализирана со наставничката Весела Богдановиќ, која предава во основното училиште ,,Кочо Рацин”, с.Ивањевци, Могила и библиотекарката Елизабета Дамева која неуморно и активно работи во Македонската библиотека во Трелеборг на зачувување и промовирање на македонскиот јазик и македонската литература кај нашите иселеници.
Преку различни подвижни, творечки и говорни вежби, дечињата на нашите иселеници беа поттикнати да зборуваат, да опишуваат и да создаваат приказни на македонски јазик со употреба на македонското кирилично писмо. Се запознаа со детските прозни објавени дела на учителката Весела Богдановиќ и изведуваа вежби за творечко поттикнување на македонски јазик со примена на предизвици и техники од презентираните книги. Интересно беше што имаа прилика да видат и читаат делови од објавена збирка со детски бајки пишувани од страна на нивните сонародници, дечињата од основното училиште ,,Кочо Рацин” од с.Ивањевци, Могила.
Ја користиме можноста да се заблагодариме за прекрасното гостопримство до Македонската библиотека во Трелеборг – библиотекарката Елизабета Дамева, македонското здружение „Пелистер“ посебно на претседателот Марјан Бошевски, секретарот Чукалевски Љубомир, членот Александар Дамев и членот Соклевски Игор.
Проектот постигна значајни резултати во зајакнување на врските помеѓу македонските иселеници во Шведска и нивната татковина. Активностите не само што помогнаа во зачувување на македонскиот јазик и култура, туку и поттикнаа интерес и љубов кон македонската литература кај најмладите генерации. Продолжуваме со нашата мисија за поддршка на македонските заедници ширум светот и збогатување на нивното културно наследство. Ви благодариме родители и ученици за Вашата поддршка и Вашето учество.
Проектот се реализираше со поддршка од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
м-р Фатма Бајрам Аземовска, библиотекар советник
м-р Гордана Ѓорѓиевска Неделковски, библиотекар
Vese Vesela Bogdanovic Македонска Библиотека ТрелеборгКочо Рацин
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook