Идеите се раѓаат таму каде што има знаење, храброст и инспирација!

Денес во Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола успешно се реализира третиот модул од програмата „Курсеви за личен и професионален развој – Инвестирај во себе“, поддржана од Министерството за култура и туризам.

Третиот модул „Претприемништо за млади“ под мотото „Размислувај претприемачки – препознај можности, развивај идеи и создавај вредност“, младите имаа можност да стекнат нови знаења за претприемништвото, развојот на бизнис идеи и претприемачкиот начин на размислување.

Настанот го отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, која во своето обраќање ја истакна важноста од вложувањето во младите, континуираното учење и создавањето можности библиотеката да биде современ простор за знаење, личен развој и доживотно образование.

Во име на програмата, присутните ги поздрави и координаторката м-р Фатма Бајрам Аземовска, која нагласи дека претприемништвото не претставува само основање сопствен бизнис, туку начин на размислување што ги поттикнува младите да преземаат иницијатива, да размислуваат креативно и да веруваат во сопствените идеи.

Предавач на модулот беше проф. д-р Моника Ангелоска – Дичовска, универзитетски професор и експерт во областа на менаџментот и бизнисот, која преку интерактивно предавање и практични примери ги запозна учесниците со основите на претприемништвото, развојот на бизнис идеи и можностите што ги нуди претприемачкиот начин на размислување.

Особено радува активното учество на младите, нивните прашања, идеи и желбата за учење, кои уште еднаш потврдија дека вложувањето во знаењето е најдобрата инвестиција во иднината.

Продолжуваме да создаваме можности за учење, развој и инспирација – затоа што најдобрата инвестиција секогаш е инвестицијата во себе.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook