На 27 февруари годинава во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Амбасадата на Република Полска во Скопје организира семинар за македонските библиотекари, посветен на полската книжевност, а особено на насловите и авторите од донираната збирка.

Библиотекарите имаа прилика да проследат стручни предавања и презентации од професори и преведувачи од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при „Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје: проф. Лидија Танушевска, проф. Јасминка Делова-Силјанова и проф. Весна Мојсова-Чепишевска, кои на присутните им ги претставиja насловите на донираните книги за возрасни и помлади читатели. Проектот стартува со 7 библиотеки од државата кој е поддржан од Полскиот Институт за книга и македонското Министерство за култура.

Претставник од Полскиот Институт за книга – г-ѓа Катажина Хумањук зборуваше за развојот на читателската публика во јавните библиотеки во Полска: насоки, стратегии, активности, предавање кое што наиде на голем интерес од страна на библиотекарите.

Иницијатор и координатор на проектот „Полска полица“ е Јоланта Гжелчик, од Амбасада на Р. Полска во Скопје,  која што од сопственото искуство како библиотекар во Вроцлав одржа предавање за „Помалку познатата литература во библиотеките: како да се поттикнат читателите да ја читаат“.

За дополнителни информации и препораки за читање Ве молиме да се обратите на библиотекарите од Дневна соба и Детскиот оддел  или Програмскиот раководител.

Се надеваме дека нашите читатели ќе го препознаат огромно богатство на полската литература, како за возрасни така и за деца, и сите овие настани ќе ги поттикнат нашите читатели  да го откријат богатството и разновидноста на полската литература.

Проект „Полска на полица“

Скопје, 27.02.2024 год.