Пред преполната сала во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола за нашите верни читатели, предавање одржа проф. д-р Зоран Крстевски кој зборуваше за мудростите кои стојат на страниците на неговите книги „Излез од криза“ и „ Исцелување на душата“. За него Битола претставува град со висока културолошка вредност кој е полн со прекрасни луѓе, со кои може интелектуално да се другарува.

Нашиот гостин проф. д-р Зоран Крстевски е познатиот астролог, писател и филозоф кој досега има објавено 10 книги со различна тематика како што е филозофијата, етиката, астрологијата итн.

Пред присутните тој зборуваше за тоа како да го пронајдеме мирот, како можеме да си ја исцелиме душата и како да се справиме со кризните моменти. Тој рече „Секој човек е предодреден за нешто. Тоа го носиме во нашите гени, добро и лошо се тука, само ние одлучуваме што ќе одбереме и каде ќе го насочиме целото наше знаење.“

„Треба да бидеме храбри, решителни и настојчиви бидејќи суштината на животот не е во избегнувањето на падовите, туку во стремежот да учиме од грешките – тие го јакнат духот и го трасираат патот што води кон победите.“ извадок од книгата „Излез од криза“

„Поуката е да не се грижиме премногу поради поразите во минатото и неизвесната иднина, туку да го јакнеме духот и насочиме кон единствената работа која навистина ја имаме- сегашноста“ извадок од книгата „Заштита од злото и негативните вибрации“

Неговите книги се полни со совети и мисли во кој секој еден може да се пронајде и да пронајде поттик како да излезе од настаната криза. Вербата во небесниот бог и астрологијата е она од каде што професорот д-р Зоран Крстевски ја црпи својата енергија и истата се труди ја пренеси онаму каде што им е потребна.

Секој од нас треба да знае дека во книгите се кријат вековните мудрости, затоа на крај на присутните нашиот гостин им порача да читаат книги. Библиотерапија е една од најдобрите. Затоа наши драги читатели ние се потрудивме неговите книги да бидат достапни и во нашата библиотека.

Овој настан е дел од проектот „Културни манифестации“ кој е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија

Координатори на проектот докторанд Фатма Бајрам Аземовска- библиотекар советник и м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски – библиотекар

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook