Од 21 до 24 август 2024 година, Фатма Бајрам Аземовска, раководител од областа на Развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста при Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола, учествуваше во студиска посета во Националната библиотека на Финска и Градската библиотека Оди во Хелсинки.
Оваа посета беше дел од проектот „Дигитална инклузија за возрасни Роми – стекнување знаења и вештини во е-услугите“, финансиран од Еразмус+ програмата на Европската Унија. Националната библиотека на Финска е институција со долга традиција и огромно значење за културното и образовното наследство на земјата.
За време на посетата, Аземовска имаше можност да се запознае со современите методи и технологии кои ги користат во управувањето со библиотечните фондови и дигиталните ресурси.
Вработените во Националната библиотека ги презентираа нивните тековни проекти и иновативни иницијативи, со што се отвори простор за потенцијална соработка и размена на искуства со Битолската библиотека.
Покрај Националната библиотека, Аземовска ја посети и Градската библиотека Оди, која е симбол на модерната библиотекарска архитектура и пристап кон јавните услуги. Оди нуди разни креативни простори, работилници, и дигитални платформи кои се достапни за сите граѓани, со што претставува вистински центар на културниот живот во Хелсинки.
Посетата на овие две библиотеки има големо значење за Битола, особено во контекст на подобрување на библиотечните услуги и зголемување на пристапноста до дигиталните ресурси. Аземовска ќе ги пренесе стекнатите знаења и искуства во Битолската библиотека, со цел да се поттикнат нови проекти и да се унапреди улогата на библиотеката како клучен образовен и културен центар во регионот. Оваа иницијатива ќе придонесе за понатамошно вмрежување на Битолската библиотека со европските институции и за јакнење на нејзината улога во локалната и пошироката заедница.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook