Денеска над 80 ученици од основното училиште „Елпида Караманди“ – Битола ја посетија Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Посетата беше дел од едукативна активност со цел запознавање на учениците со значењето и функцијата на библиотеката како културна и образовна установа.
Учениците беа топло пречекани од м-р Фатма Бајрам Аземовска, библиотекар советник, која им одржа едукативна презентација за детскиот оддел на библиотеката. Особен акцент беше ставен на енциклопедиите, бидејќи токму сега учениците учат за нив во рамките на наставната програма. Им беше објаснето како да ги користат енциклопедиите и зошто се важни за стекнување на нови знаења и проширување на нивната љубопитност.
Дополнително, учениците имаа можност да се запознаат со начините на кои библиотеката организира културни настани и промоции на книги, како и со правилата за користење на читалните и нивната функција. Им беше презентирано како можат да станат членови на библиотеката, како се позајмуваат книги, како и какви ресурси им се достапни – од книги и списанија до дигитални содржини.
Посетата претставуваше одлична можност за учениците да научат повеќе за библиотекарството, да се запознаат со богатството на знаењето кое го нуди библиотеката и да се мотивираат за почесто читање и истражување.
Во оваа активност, учениците беа придружувани од нивните наставнички: Јасмина Танчевска, Наташа Којчева и Кате Размовска, кои активно придонесоа за успешната реализација на посетата.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook