На 23.02.2026 г. во Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола се реализираше посета на ученици од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола. Посетата ја координираше Јулијана Христовска-Кулевска, помошник библиотекар, во рамки на проектот „Книговрзувачка доработка“ којшто се реализира како уште една плодна соработка на двете институции. Ученици од втора и трета година графичка струка, под менторство на Весна Мундишевска-Велјановска, Снежана Паскова, Катерина Спасовска-Маурдева и Валентина Ристеска, наставници по графички стручни предмети посетија повеќе одделенија на Библиотеката, а посебен акцент беше ставен на чувањето на книжниот фонд и музејската поставка. На учениците им се обрати и Директорката м-р Емилија Стефановска Давкова. Посетата предизвика огромен интерес и го истакна значењето на издаваштвото и архивирањето на публикациите како значајно културно наследство кое ќе биде оставштина за идните генерации. Како дел од оваа фаза на реализацијата на проектот, на 19.02.2026 г., беше спроведена посета и на училишната библиотека на СОУ „Таки Даскало“, во соработка со Мирјана Наумовска, училишен библиотекар. Во тек е и истражувачки дел во врска со реставрирањето на книжниот фонд во двете институции.Во продолжение на проектот ќе се реализираат работилници за зачувување на книги и нивна реставрација, како и за изработка на производи од книговрзувачка доработка.

Во рамки на посетата, учениците имаа можност да се запознаат со процесот на каталогизација и техничка обработка на библиотечен материјал, како и со условите во кои се чува реткиот и стар фонд. Со вакви активности се зацврстува партнерството меѓу образовните и културните институции во локалната заедница, а учениците добиваат вредно искуство кое ќе им биде значајна основа во нивната понатамошна професионална надградба и афирмација во областа на графичката дејност.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook