Библиотекарката Фатма Бајрам Аземовска, докторанд на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на насоката Образовни системи, веќе 14 години работи како библиотекарка во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, а од 2020 година е раководител на секторот за развој на библиотекарството, меѓународна соработка, маркетинг и односи со јавноста. Во нејзината улога како раководител, има привилегија да истражува и анализира институции како што е библиотеката Салаборса во Болоња, Италија.

Посетата на Салаборса не само што беше во рамките на нејзиното професионално истражување, туку искуството што го доживеа беше вистински впечатливо. Фатма вели „Од моментот кога влегов во просториите на библиотеката, бев привлечена од нејзината енергија и атмосфера. Прекрасната комбинација на класична архитектура и модерни концепции допринесе за едно уникатно искуство што не се опишува. Но, она што вистински ме освои, беше ангажманот на библиотеката за различните возрасти и интереси на посетителите.

Како магистер во областа на библиотекарството, бев особено впечатена од програмите и услугите наменети за децата од најрана возраст. Приближувањето на читањето и учењето на децата од самите почетоци на нивниот развој е нешто што го ценам и поддржувам.

Со сите свои аспекти, од локацијата до програмите и настаните, библиотеката Салаборса вистински ја претставува есенцијата на културата и знаењето. Моето искуство во неа остави траен впечаток и сигурно е дека ќе се вратам повторно за да уживам во нејзината инспирирачка атмосфера“.

Библиотеката Салаборса е мултимедијална библиотека, која има за цел да ја документира современата култура преку сите достапни документи: книги, весници, списанија, мапи, видеа, аудио ЦД-а, ДВД-а (ова е целосната мисија).

Се наоѓа во централниот дел на Болоња, на плоштадот Piazza del Nettuno, што е близу до главниот плоштад Piazza Maggiore.

Зградата во која сега се наоѓа библиотеката Salaborsa некогаш била пазарен центар, но во 2001 година била претворена во библиотека и културен центар.

Библиотеката Салаборса нуди различни услуги, вклучувајќи библиотечни услуги, простор за читање, пристап до компјутери, образовни програми, културни настани и изложби.

Во програмата на библиотеката се опфатени децата од 0-3 години. Во просторијата посветена на бебињата има книги само со слики, со приказни од малку зборови, уредена за деца, со посебни форми и материјали. Во собата има теписи и перничиња и катче каде мајките можат да ги дојат своите бебиња. Исто така, за родителите и другите возрасни, има книги и списанија за грижа и воспитување на деца. Во близина на дневната соба има бања опремена за пресоблекување на бебињата и помалите деца.

Има катче за деца од 4 до 7 години. Богато и преубаво уредено катче со многу книги со убави илустрации. Освен на италијански има книги и на други јазици, за да им се даде можност на децата да читаат гласно на нивниот мајчин јазик. Има полица „Читај поинаку“ каде што може да се најдат тактилни книги на Брајово писмо. Во театарската сала се планирани читања на глас и други активности.

Друго катче е наменето за деца од 8 до 12 години кое има богат избор на книги: детективски, авантуристички, фантастични и научно-фантастични романи, бајки, песни, хорор и љубовни приказни, историски и хумористични романи, ДВД-а, стрипови, списанија, како и теми од областа на астрономија, животни, растенија, уметност, спорт, историја, географија, патувања, пронајдоци.

Има и многу аудио книги.

Има посебно катче за учениците од средно образование и за сите ученици има различни катчиња, а има и група за читање која се состанува еднаш месечно.

Постои преубава тинејџерска соба. Во просторијата има книги, стрипови, филмови и друг материјал што ги интересира тинејџерите на таа возраст. Освен на италијански, има книги на арапски, француски, кинески, германски, руски, албански и на други јазици за да им се даде можност на сите да читаат на својот јазик, а на Италијанците да научат за пишувањето на јазиците на другите народи.

Зградата е пример за современа архитектура, со иновативен дизајн кој ги интегрира старинските и модерните елементи. На пример, подовите се направени од стакло, што овозможува да се види подземната археолошка раскопка под библиотеката.

Библиотеката Салаборса често организира културни настани како литературни читања, изложби на уметнички дела, промоции на книги, музички настани и други забави. Овие настани го прават ова место магнет за локалната културна заедница.

Библиотеката е позната и по своите технолошки иновации. Таа има напредни системи за пристап до информации и дигитални ресурси, како и различни виртуелни услуги.

Со своите широки услуги, иновативни програми и прекрасна архитектура, библиотеката Salaborsa е вистинско чудо во срцето на Болоња. Не само што претставува простор за читање и учење, туку исто така е центар на културата и заедницата. Нејзината способност да го задоволи разнообразниот спектар на интереси и потреби на локалното население, од најмладите до најстарите, претставува доказ за значењето на културните институции во градот Болоња, Италија. Библиотеката Салаборса не само што ги збогатува животите на своите посетители со знаење и креативност, туку и го негува духот на заедницата. Во секој аспект, библиотеката Салаборса е прекрасно место кое треба да се искуси и истражи.“

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook