На 28 октомври 2026 г. НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола ја посетија ученици од графичката струка од СОУ „Таки Даскало“ – Битола, втора и трета година графички техничар, во рамките на наставата по графичките стручни предмети Книговрзување и Рециклирање на графички материјали. Библиотекарот м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, заедно со предметните наставници Весна Мундишевска-Велјановска и Катерина Спасовска-Маурдева, ги запознаа учениците со организациска поставеност на Библиотеката, со посебен акцент на одделот за детска литература и видовите публикации наменети за деца и млади, дневната соба, музејската поставка каде посебно се дискутираше за машините, алатот и приборот за печатење и графичка доработка и за развојот на видовите изданија од минатото до денес, а беше посетено и роднокрајното одделение каде посебно внимание привлекоа факсимилите од македонски писатели напишани на рачно изработена хартија подготвена во изминатите години од графичката струка.
Во рамки на оваа посета беше изведена и мини-работилница во одделението за заштита и репрографија на книга во која библиотекарскиот помошник Јулијана Христовска Кулевска на учениците им демонстрираше постапка на доработка на книжен блок и изработка на тврдо поврзување на книга.
Нашата библиотека и графичката струка негуваат долгогодишна плодна соработка која редовно се реализира во двете институции и резултира со многубројни работилници, изработени производи, изложби, реализација на учење преку работа кај работодавач и други форми на соработка на задоволство и на учениците и на читателите од Библиотеката.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook