,,АКО ЉУБОВ НЕМАМ, НИШТО НЕ СУМ”

ПЕТРАРКА

Во чест на 720 годишнината од раѓањето на големиот ренесансен лиричар Франческо Петрарка, но и во чест на неговото ремек-дело „Канцониерот“, кое останува како сјаен бисер во светската литература, вчера, 27 ноември 2024 година, Национална устанува универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Битола во соработка со учениците од втора година при СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ – Битола, под менторство на професорката по македонски јазик и литература – м-р Симона Петровска, подготвија поетски настан преку кој, како што најавија ќе ја поведат публиката на патување низ емоции исполнети со љубов, копнеж, тага и осаменост со цел да ја оживеат приказната на овој бесмртен поет и да го оживеат времето во кое поетот пее за чиста и платонска љубов, пее за филозофијата на животот и го велича човекот кој долго време бил заробен во пранги.

Имено, во поетското дело на Петрарка, „Канцониерот“, тој создава лирска вселена во која ја изразува својата длабока и возвишена љубов кон Лаура, својата вечна инспирација и идеал на убавина и доблест. Со нежни зборови и страсни изливи, тој ја раскажува приказната на една недостижна љубов – љубов која, иако невозможна, живее во неговото срце, пркосејќи на времето, и на животот и смртта. Преку перото на Петрарка, Лаура е идеализирана, а нејзината убавина и чистота стануваат симбол на сето она кон кое поетот тежнее, но кое никогаш не може да го оствари.

132 сонет

„Ако љубов не е – што ли сега бладам?

Ако е, пак, љубов, Боже! – каква, која?

Добра ли е?… Зошто има смртна боја?

Лоша ли е?… Зошто, тогаш, слатко страдам?

Ако пламнав – зошто солзи, клетви бројам?

Ако злото расте – помага ли јадот?

О, ти жива Смрт! О, тие зла од адот!

Јас се гневам на нив, тие ми се ројат!“

На настанот беа прочитани едни од најубавите сонети од ова дело, биографско -критички осврт на животот и делото на Петрарка, како и драмска изведба на авторски текст на учениците, преку која публиката имаше можност да се врати во времето на италијанската ренесанса, каде што ги почувствува страстите, предизвиците и визијата што го воделе Петрарка кон создавање на неговите ремек-дела.

На самиот крај на овој настан, учениците испратија силна порака која, според нив, треба да биде поттик за хуманистичките вредности на човекот:

„Љубовта и ништо друго на лик слично на неа, може да го води човекот во благосостојба и мир! Таа, љубовта, гради мостови меѓу светови и времиња и само со неа светот би бил прекрасно место за живеење!“

Координатор на проектот м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, библиотекар

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook