Денеска (10.9.2026 година) во ООУ „Даме Груев“ – Битола, реализиравме интересна и едукативна активност со учениците од прво одделение, посветена на книгите, читањето и омилените ликови од детските приказни.

Преку играта „Погоди го јунакот“, на учениците им читавме кратки описи, а тие со голема радост ги препознаваа Црвенкапа, Пинокио, Пепелашка, Снежана, Грдото Пајче, Трите прасиња и други познати книжевни јунаци. Децата покажаа знаење, љубопитност и голема желба за учество. Во оваа игра немаше победници и поразени – сите ја заслужија титулата „Одличен познавач на приказните“.

Со учениците разговаравме и за ваучерите за бесплатно зачленување во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, кои неодамна им беа поделени во рамките на настанот „Училишна приказна“.

Ги повикуваме родителите да го искористат ваучерот во најскоро време и заедно со своето дете да ја посетат библиотеката. Првото одделение не е прерано за членство – токму сега е вистинското време детето да ја избере својата прва книга и да започне да создава љубов и навика за читање.

Упатуваме искрена благодарност до учителката Нела Неделковска и до директорката Биљана Дамчевска-Бакиевска за срдечниот прием, поддршката и соработката во создавањето убави читателски навики кај најмладите.

Искористете го ваучерот – секоја голема читателска приказна започнува со една мала книга!

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook