Вечерва, во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, го одбележавме Светскиот ден на срцето со симболичната порака – „Отвори книга, отвори срце“.

Нашето срце е најважната „книга“ што ја носиме во себе – со приказни, емоции и животна сила. Вечерва зборувавме токму за тоа како да го чуваме и негуваме.

Со нас беа д-р Ана Вељановска и д-р Елена Шишковска-Степановска, кои со огромна посветеност и топлина одговараа на прашањата на публиката – од секојдневни совети за здрава исхрана и физичка активност, до најновите достигнувања во кардиологијата.

Посебна благодарност до Елена Костадиновиќ, која со својата улога како модератор ја направи вечерта уште попријатна, интерактивна и исполнета со позитивна енергија.

Публиката активно се вклучи со прашања и размислувања, што ја претвори средбата во вистинска размена на искуства и корисни совети.

Настанот уште еднаш нè потсети дека здравото срце е предуслов за среќен и исполнет живот, а љубовта кон книгата и знаењето е пат до поздраво утре.

Благодарност до сите присутни и до нашите партнери Ротари клуб Битола – Широк Сокак за соработката.

Да продолжиме заедно да ги отвораме и книгите и срцата!

23.9.2025

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook