Вчера беше свечено отворена Читалната посветена на писателот Горан Стефановски во просториите на Битолската Библиотека.
Читалната е потсетник на неговите дела и неговиот придонес во заштитата на македонскиот јазик и култура.
Неговата родна Битола има нов пријатен простор, естетски уреден, со мурали и библиотека кои ја симболизираат моќта на пишаниот збор и книгата.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Р.С.Македонија.
Творештвото на Горан Стефановски е непресушна инспирација за креативни подвизи на младите автори. Уметничките Ленче К. Јагоридовска и Дијана Колонџоска насликаа цитати од ликовите на неговите драми, во читалната посветена на македонскиот Шекспир.
Локацијата на читалната, е само на 200 метри оддалеченост од куќата на ул. Београдска во која се родил Горан Стефановски.
„Читалната „Горан Стефановски“ е естетски уреден простор, пријатно место за читање, а тематиката е македонскиот израз преку цитати од ликовите на драмите на нашиот Горан. Тој, како вечен поборник за идентитетот, секогаш реално зборувал и со убав разбирлив начин ја прикажувал состојбата во нашата држава. Во неговите драми се занимава со проблемот на македонското прашање во доцниот XIX век и идентитетот на нацијата. Со тоа Стефановски пораснал во очите на сите нас, посебно. На крајот, тоа се тие некои наши внатрешни идентитети, преиспитувања на истите и има една реченица која вели: Домот е таму каде што боли! Постхумно ова е начин да докажиме дека ќе добие спомен дом, едно „засолниште’’ за неговите моќни мисли.” – истакнува Дијана Колонџовска.
Читалната е лоцирана на последниот кат од библиотеката и е комплетно осмислен проект со мурали, мебел и книги кои ќе ги имаат на располагање читателите.
„Неговите интимни мисли кои успеа тој да ги сподели на хартија со нас, беа главната инспирација во создавањето на концептот на просторот. Неговите цитати се апсолутно безвременски. Тие звучат подеднакво актуелно како пред 30 и кусур година, така и денес. Нашиот проект „Цртај на македонски јазик” идеално се вклопува со култната ТВ-серија за деца, а по неа и сликовницата „Бушава азбука“ на Горан Стефановски, со илустрации на Душан Петричиќ и е идеален за нагласување и акцентирање на македонската азбука. Со „бушавите букви“ растеа генерации и генерации, учејќи го македонскиот јазик и скапоцените подзаборавени, архаични зборчиња кои се одраз на неповторливата македонска книжевност, култура и традиција.” – изјави Јагоридовска која е исто така дел од овој проект.
„Овај проект доби многу на публицитет и доволен мотив за да можам да продолжам да работам на оваа манифестација која е за афирмација на македонскиот јазик и македонските вредности воопшто. Вториот проект беше во Битола во една од читалните на НУУБ „Св. Климент Охридски‘’ – Битола, насловена како „Прочитај ме имам нешто да ти кажам“ – истакнува Дијана.
Малку историја…
Горан Стефановски е роден е во Битола, на улицата Београдска бр.5 во куќата на семејството Зиса, која ја делеле родителите на Горан, со познатото актерско битолско семејство Чоревски. Браќата Благој и Борис Чоревски се сеќаваат дека тие живееле на долниот кат, а Стефановски живееле на горниот кат. Биле многу блиски, па поканата да ја делат куќата била идеја на битолскиот актерски познат пар Трајко и Ратка Чоревски.
Во Народниот театар во Битола, Горан ги направил првите детски чекори во периодот кога татко му, Мирко Стефановски беше и актер и кратко време и директор. А неговата мајка Нада, била актерка. Замислете го тоа мало љубопитно дете низ стариот театар во Битола, несвесно дека во една блиска иднина, дури 9 негови претстави ќе бидат поставени во овој театарски храм, ќе доживуваат бројни изведби пред преполно гледалише, ќе добиваат награди на фестивали и ќе го слават неговото име.
Неговата последна средба пред смртта, а со асоцијациите на Битола и детството. беа во Лондон, кога нашиот битолски театар го играше Шекспир во славниот Глоуб театар. Горан, со група од битолските актери, после претставата во еден лондонски паб покрај Темза, се сеќаваше на Битола и на своето детство.
Фотографиите се превземени од Диоген Хаџи Коста Милевско, текстот од Љубица Ангелкова.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook