„Без зборовите, без пишување на книги, не постои историја, не постои концептот на човештвото.“ – Херман Хесе
Од 22 до 26 септември оваа година во светот се одбележува недела на забранети книги.
По тој повод во холот на НУУБ „Св. Климент Охридски“-Битола е поставена изложба на книги кои низ текот на годините биле забранети во различни земји во различен временски период. Неделата на забранети книги се одбележува ширум светот, уште од 1982 година под мотото „Learn, not burn!“ во САД. Забранувањето и палењето книги не е новост. Тоа се случувало од постоењето на пишаниот збор. Низ текот на историјата секогаш имало книги кои го размрдувале општеството и кои им пркоселе на општествените норми и правила, критикувајќи ја лицемерноста и двојните стандарди во општеството. Некои директно напаѓаат одредени општествени и политички системи, а некои едноставно решаваат да ни покажат дел од општеството кое голем дел од нас не сакаат да го видат, иако постои.
Поради ова, многу книги се забранувани и сѐ уште се забрануваат насекаде низ светот. Векови наназад се палеле книги, се уништувале библиотеки, а таа пропаганда продолжува и до ден денес. Од сумерските глинени плочки, египетскиот папирус, преку Гутенберговата печатница, книгата поминала низ долг развоен процес на обликување, употреба, но и уништување и забрани. Факт е дека книгите ќе постојат сè додека некој ги чита или се додека некој ги пишува. Забранетите книги се оние кои одредена категорија на луѓе ги смета за несоодветни и сакаат истите да се тргнат од полиците на библиотеките, книжарите и училиштата или да се уништат.
Цензурата на одредени книги може да биде политички, религиозно или етички обоена, а со самата забрана се излегува од рамката на спонтан развој на мислата на едно општество. Според тоа, основната цел на оваа акција е ширење на свеста за слободата на читање и слободниот пристап до информациите. Правото на слободно изразување и слободна мисла се едни од најважните човекови права кои се загарантирани со Универзалната декларација за човекови права. Со цел да се подигне свесноста и да се насочи вниманието на јавноста кон овој проблем кој сѐ уште постои во голема мера и треба да нѐ загрижи, секоја година се одбележува „Неделата на забранети книги“ (Banned Books Week).