НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола и оваа година ја одбележа Неделата на забранети книги, посветена на слободата на говорот, слободата на изразување и правото на слободен пристап до пишаниот збор.
По тој повод, во библиотеката се реализира едукативна работилница со учениците од осмо и деветто одделение при ООУ „Гоце Делчев“ – Битола, под менторство на наставничката по македонски јазик Катерина Николовска.
Активноста ја отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова, која ја истакна важноста од развивањето на истражувачките вештини кај младите, нивната способност критички да размислуваат и да доаѓаат до точни и проверени информации, потпирајќи се на повеќе релевантни извори.
Во текот на работилницата, учениците самостојно истражуваа кои книги низ светот биле забранувани, од кои причини и какви општествени, политички или идеолошки околности довеле до нивна забрана. Посебно внимание посветија и на прашањето за забрануваните книги во Македонија, разгледувајќи ги причините и околностите поврзани со нивната забрана или ограничување.
Преку истражување, разговор и размена на мислења, учениците имаа можност да ја согледаат важноста на книгите како извор на знаење, слободна мисла и критичко преиспитување на светот околу нас.
Најдобро се учи преку истражување!
Со ваквите активности, библиотеката ја потврдува својата улога како простор за учење, откривање, развивање на критичкото размислување и поттикнување на љубовта кон книгата и слободниот збор.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook