Во Битола во Завод и Музеј прикажана изложба на тема „Роберт Музил и Првата светска војна“ изработена и адаптирана во Линц, Република Австрија. М-р Рајнхолд Кретер, директорот на Дирекцијата за култура во покраинската влада на Горна Австрија овозможи оваа патувачка изложба да биде прикажана и во Република Македонија, со прва станица во Битола, во рамките на БитФест 2017. Роберт Музил не е непознато име Македонија. При истражувањето во НУУБ Св. Климент Охридски Битола како и во Австриската библиотека во Битола, констатирано е дека 12 дела на Музил ги красат овие две библиотеки на германски јазик и преведени на македонски и српски јазик.
Некои од насловите се: Заблудите на питомецот Терлес, Трите жени, раскази и други дела, додека романот „Човекот без својства“ е преведен на македонски во едицијата Ѕвездите на светската книжевност. Роберт Музил беше австриски писател и театарски критичар. Врз неговото дело најмногу влијаела првата светска војна. Неговиот опус се новели, драми, есеи, критики и два романи. „Заблудите на питомецот Терлес“ – пример од книжевната модерна користен како школска лектира, а неговото главно дело кое се вбројува во светска литература е „Човекот без својства“ кој роман е проткаен со автобиографски аспекти, а на кој Музил работел до неговата смрт без да го заврши. Ниеден автор од неговата генерација, тврди Пфолман, можеби освен Херман Брох располага со толку големо знаење, ниедни друго дело не настојува толку упорно на единство на природните и општетствените науки. Како важен сврзен елемент фунгираат делата на Ернст Мах, за кого физиката и психологијата се взаемни.
Покрај м-р Кретер присутни на отворањето на оваа изложба од Република Австрија м-р Кристов Бенедиктер, најважниот соговорник од австриска страна кој несебично се вклучи во подготовките, во македонската адаптација и комплетирање на сегментите од изложбата во изминатите 8 месеци, д-р Петра Марија Далингер директор на Штифтер Хаус во Линц и раководител на Адалберт Штифтер институт, м-р Александар Веран, историчар и самостоен кустос и претставник на Амбасадата на Р. Австрија г-ѓа Ана Мишевска. Во македонската адаптација учествуваа Марјан Нечак во чие студио се снимаа аудио станиците на македонски јазик и кој изработи дизајн на звукот, преведувачите на текстовите, проф.-д-р Петер Рау целосно вклучен во јазичната редакција, актерот Петар Горко ги интерпретираше текстовите за аудио станиците, а д-р Анита Ангелевска од Македонското научно друштво, координатор на проектот, одделение за лингвистика и книжевност изработи книжевен профил за Роберт Музил. Комплетната координација на проектот е од Почесниот конзулат на Република Австрија во Битола.
Д-р Валентина Илиева