Моќта на пишаниот збор е во неговата достапност до илјадници души. Оние кои пишуваат раѓаат светови, остават завети, живеат илјади ликови, пророкуваат и сето тоа спакувано, со препознатливиот мирис на хартија нам ни го оставаат на дофат.

Пишаниот збор ни останува како траен спомен засекогаш врежан на листот хартија и ќе биде сведок на едно изминато време и на едни генерации кои твореле, создавале и оставиле пишана трага зад себе.

Пишувањето и читањето се храна, но и фитнес за мозокот, кои ја убиваат здодевноста, го подобруваат помнењето и ја зголемуваат концентрацијата.

Преку работилницата за значењето и моќта на зборовите ја реализиравме играта „Збороколаж“ каде секој ученик пишуваше по еден збор, а другите ученици кажуваа реченици токму со тој збор. Така се направи една весела атмосфера исполнета со смеа и детски мудрости.

Ваквата позитивна атмосфера ја завршивме со слободни илустрации, зашто илустрацијата е едукација, терапија но и основ за развој на целокупната моторика.

Доживеаните искуства беа вредни и достојни за почит за што говореа и нивните озарени и весели очиња, нивните насмевки и нивните зборови дека повторно не очекуваат.

Благодарност до наставничката Јасмина Гочева и директорот Никола Пискачев од ООУ „Стив Наумов“ – Битола.

Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook