По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, се одржа креативна работилница под наслов „Моја книга – мој свет“.
Секоја личност има своја приказна, а секоја приказна е универзум за себе. Тоа е нешто што го носиме длабоко во себе, нешто што сакаме да го споделиме, да го замислиме и создадеме. Денешната работилница беше токму такво патување – патување низ светот на книгите, зборовите и фантазијата, каде сè е возможно.
Работилницата беше посветена на личните доживувања, мисли, чувства и фантазии што се раѓаат при читањето книги. Учениците имаа можност своите импресии да ги искажат преку пишување, цртежи и други креативни форми, претставувајќи ги на уникатен и инспиративен начин.
На настанот учествуваа ученици од СОУ „Јосип Броз Тито“ и од ООУ „Св. Климент Охридски“ – Битола, под менторство на професорката по македонски јазик и книжевност Груеска Сара и професорката по германски јазик и книжевност Биљана Илиевска – Ѓоргиевски.
Преку оваа работилница, младите учесници не само што ја прославија љубовта кон книгата, туку и го потврдија значењето на креативното изразување и моќта на пишаниот збор.
Овој настан уште еднаш ја потврди улогата на библиотеката како простор за инспирација, учење и негување на културата на читање.
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook