Новата учебна година носи нови предизвици, нови пријателства и нови доживувања. Звукот на училишното ѕвонче ги повикува учениците кон нови знаења, дружења и авантури. Со самото започнување на наставата, започнува и соработката, меѓусебната помош и другарувањето меѓу учениците, наставниците и сите чинители вклучени во воспитно-образовниот процес.
Денес, со останатите ученици од I одделение при ООУ „Гоце Делчев“ – Битола, најмладите имаа можност да се запознаат со значењето на другарувањето во училиште и надвор од него, како и со важноста на емпатијата.
За време на активноста зборувавме за значењето на книгата и ја обработивме приказната „Денес ти нема да играш“, преку која децата заклучија дека со ценењето и почитувањето на другарчињата стануваме добри луѓе и верни пријатели – а пријателството го дуплира задоволството и ја дели тагата.
Активноста ја завршивме со илустрации на прочитаното – цртежи во кои секое дете преку боите ги внесе своите емоции.
Во рамки на библиотечните активности, со првачињата ја реализиравме и креативната работилница „Мојата библиотека во бои“, каде што децата ја насликаа нашата библиотека со својата фантазија и имагинација и секое одделение доби по еден примерок од „Бушава боенка“ (издание на Види вака раскажувачко студио).
Дополнително, ја раскажавме и приказната „Магичниот клуч на библиотеката“ – магична приказна за Сара и Марко, кои открија дека секоја книга е врата кон нов свет, доволно е само да го носиш „магичниот клуч“ – љубопитноста.
Упатуваме искрена благодарност до:
директорката Наташа Ставревска,
наставничките Фатмире Махмуди и Јасмина Бошевска,
психологот Елена Милошевска
педагогот Даниела Димитриевска,
како и до сите насмеани и креативни првачиња од I одделение.
Со овие активности библиотеката и училиштето станаа место на боите, приказните и детската радост – свет што секогаш е отворен за нови авантури и пријателства!
Повеќе фотографии на следниот линк: NUUB Facebook